Македонија
(Видео) Пенков: Власта не може да го реши проблемот со аерозагадувањето

ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа протест во Неготино, каде што го искажаа огромното незадоволство од работата на власта предводена од СДСМ. Пораките што пратеникот Златко Пенков ги пренесе се следните: „Веднаш да се прекине со распродажба на националните интереси. Време е за национален консензус, при што ќе се постават црвени линии, да не се случи и со Бугарија манипулативен договор. Зошто се молчи? Се подготвува ли сличен преспански договор со искривување на историјата, јазикот и идентитетот. Ние сме Македонци од Македонија и не можеме да бидеме ништо друго“.
Според него, состојбата со пандемијата на коронавирусот е надвор од контрола.
„Од ден на ден бројот на заразените расте. Сè повеќе се шири и во нашата општина, но ниту се вршат епидемиолошки анкети, ниту се издаваат решенија за изолација ниту се идентификуваат контакти. Сè е оставено на совеста на граѓаните, а надлежните постојано ги обвинуваат самите граѓани за ситуацијата. Состојбата во образованието е алармантна. Дали некој во општина Неготино има точна бројка колку деца поради немање компјутери не следат настава иако основното и средното образование се задолжителни? Постои ли алтернатива за овие деца или, едноставно, ќе ја прескокнат оваа учебна година?
Доста е со водење економска политика, која како резултат има сиромаштија и беда на нашите граѓани, работници, земјоделци, вработени во угостителството, туризам, текстилни работници. Секојдневно се задолжуваме, а парите од задолжувањата неадекватно и недомаќински се трошат“, вели тој.
Пенков во своето обраќање посочи дека е доста од партискиот реваншизам, притисоци, мобинг и селективна правда, кои се присутни како на централно така и на локално ниво, како и дека е доста за партиските вработувања, каде што единствен услов е да имаш партиска книшка од СДСМ, доста за тендер-демократија, каде што тендерите се делат по партиски клуч на заслужни членови на партијата на власт.
„Време е ПР малку да се намали, од добар ПР граѓаните не може да живеат, туку само од конкретни проекти. Ако милиони евра влегле во општина Неготино, граѓаните имаат право да знаат каде се вложени, дали во водоснабдувањето или во средувањето на паркинг-местата или можеби е некоја инвестиција со нови работни места? Или можеби решавање на проблемот со аерозагадувањето и создавање здрава, еколошки чиста животна средина“, рече пратеникот.
Пратеникот Пенков порача дека македонскиот народ заслужува подобро утре, граѓаните на Неготино заслужуваат подобра власт и секој граѓанин заслужува достоинствен живот“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.