Македонија
(Видео) Пивоваров: Почнува јавна дебата за примена на полиграф како модел за спречување на корупцијата на граничните премини

Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров, одржа прес-конференција, на која го најави почнувањето серија јавни дебати за утврдување на интегритетот на сите службеници што работат на високоризични работни места на граничната линија со примена на полиграф како превентивна мерка за спречување можна корупција. Тој информира дека проектот почнува откако на седницата на Владата одржана на 27.2.2024 година се донесени заклучоци Националниот координативен центар за гранично управување (НКЦГУ) да почне со подготовките за отворање јавна дебата за оваа тема, да ги спроведе и да поднесе извештај до Владата од спроведената јавна дебата со предлог за натамошно постапување.
„Дискусиите на национално ниво ќе се одржат во период од март до април 2024 година, во организација на НКЦГУ со логистичка поддршка од Владата на Република Северна Македонија, на кои ќе бидат поканети претставници на надлежни национални институции (МВР, ЦУ, АХВ и ДИЗ) и засегнати национални институции (ЈО, АНБ, АР, УФР, УФП и УЈП), академската заедница, експерти и практичари, политички партии, амбасади на земји членки на Европската Унија, меѓународни организации, невладин сектор, здруженија на автобуски и камионски превозници, стопански комори и сите други заинтересирани страни. На вкупно петте поединечни сесии ќе бидат поканети медиумите“, изјави националниот координатор за гранично управување, Пивоваров.
Тој оцени дека ситуацијата со корупцијата на граничните премини и зелената линија, од осамостојувањето на државата до денес останува сложена, укажувајќи дека генерално корупцијата на граничните премини тангира два фундаментални сегменти по државата, а тоа се безбедноста и економијата. Доколку имаме само некој корумпиран службеник на граничната линија, можно е да бидат пропуштани наркотични супстанци, оружје, експлозиви и терористи што во голема мера би ја нарушило националната безбедност. Гледано од економски аспект, можниот внес на репроматеријали кои не се оцаринети или се оцаринети со помала царинска стапка од предвидената. Како што изјави тој, корумпиран службеник на граничната линија овозможува натамошно надградување на сивата економија, се до крајниот потрошувач, со што се нанесуваат енормни штети на буџетот на државата. Впрочем, сивата економија учествува во нашиот годишен БДП по укажувањето на Светска банка со 36 %, а најголемиот дел од сивата економија започнува токму од влезот на стоките во државата на нашите ГП.
Националниот координатор Пивоваров оцени дека единствен начин за решавање на овој тежок проблем е примена на полиграфот како инструмент за утврдување на интегритетот на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на граничната линија.
„Со примена на полиграфот се исклучува секоја можност за влијание од субјективна или објективна природа“, изјави тој и додаде дека ова е голем предизвик за секое општество, предлог за кој ќе се дискутира на сите нивоа со цел да се дојде до конечно решение со кое треба да се искорени корупцијата на граничните премини. Предлогот ќе наиде на силна реакција од оние кои не сакаат да се реши овој горлив проблем, како и од оние кои веќе се корумпирани.
На 17. состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи, одржан на 15-16.3.2023 година, во Брисел, во делот за граничното управување, Европската комисија ја поздрави одлуката на Владата за формирање на Национален совет за спроведување на Националната стратегија за интегрирано гранично управување 2021 – 2025 и соодветниот акциски план.
На 30.6.2023 година се одржа првиот состанок на Националниот совет за спроведување на националната стратегија за ИГУ 2021 – 2025 и годишните акциски планови , каде еден од предлозите беше токму отворање на јавни дебати за утврдување на интегритетот на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на граничната линија со примена на полиграф, како превентивна мерка за спречување на можна корупција. Сите надлежни институции кои членуваат во Националниот совет (министер за внатрешни работи – претседавач со Советот, министер за надворешни работи, министер за животна средина и просторно планирање, министер за транспорт и врски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, директор на Царинската управа, директор на Државниот инспекторат за земјоделство, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, директор на Дирекцијта за радијациска сигурност, директор на Агенцијта за храна и ветеринарство, директор на Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД и националниот координатор за гранично управување) едногласно ја подржаа оваа иницијатива и дадоа безрезервна поддршка за поефикасно спроведување на стратегијата.
Од јавните дебати се очекува оваа превентивна мерка да биде прифатена од учесниците, потоа одобрена од страна на Владата на Република Северна Македонија во форма на законски измени и проследена за усвојување до Собранието на Република Северна Македонија.
Главен тематски фокус на дискусиите ќе се однесува на: полиграфот како инструмент со чија примена се исклучува секоја можност за влијание од субјективна или објективна природа; оправданост, неопходност и потреба од примената на полиграфот за утврдување на интегритетот на сите службеници кои работат на високо ризични работни места на граничната линија; бенефит од употребата на полиграфот; дерогација на правото како крајна цел; секое службено лице кое работи на високо ризично работно место на граничната линија, еднаш годишно задолжително мора да биде ставено на полиграфско тестирање, а по барање на надлежниот Јавен обвинител и пред изминување на годишното задолжително полиграфирање; службеното лице кое нема да го помине полиграфскиот тест, веднаш се отстранува од работното место, а за негативниот полиграфски тест, по службена должност надлежната институција каде е вработено службеното лице, го известува надлежниот Јавен обвинител; службено лице кое одбива да биде полиграфски тестирано, да биде отстрането од работното место, како и дополнителни теми што ќе бидат предложени од учесниците.
Посебно внимание ќе се посвети на воспоставување на самостоен и независен државен орган за спроведување на полиграфирањето, а примарен надзор и контрола над работењето ќе врши Собранието на Република Северна Македонија, со цел оневозможување на субјективни влијанија врз полиграфистите. Прашањето што треба да се реши на краток рок е дерогацијата на правото. Учесниците на дебатите ќе ги проценат сите позитивни аспекти на овој проект, ќе ја анализираат законската постапка и начинот на полиграфирање на лицата кои работат на високо ризични работни места на граничната линија. Од дебатите ќе произлезат заклучоци за натамошно постапување со службеници со негативен резултат од полиграфското тестирање во насока на нивно отстранување од конкретното работно место.
Оваа јавна дебата ја поддржува Владата на Република Северна Македонија во заложбите за спречување на корупцијата и е комплементарна со активностите од Националната стратегија за спречување на корупција и напорите на надлежните институции за консолидација на одговорот во оваа област.
„Неоспорно е дека натамошното развивање на националниот систем за ИГУ, во согласност со европските стандарди, ќе ја подобри националната гранична безбедност и истовремено ќе овозможи поефикасен заеднички пристап и координирано справување со сегашните и идните закани по националната гранична безбедност и европската гранична безбедност во целина, а тоа, пред сè, се тероризмот, илегалната миграција, корупцијата и други облици на организиран криминал“, заклучи на денешната прес-конференција Владимир Пивоваров, националниот координатор за гранично управување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.