Македонија
(Видео) Почнува уредувањето на покривот на „Мавровка“, ќе бидат засадени над 40 садници
Град Скопје во соработка со Општина Чаир и Здружението на корисниците на деловен простор во деловниот центар „Мавровка“ почна со уредување на третиот и најголем зелен покрив во Скопје – покривот на „Мавровка“.
Зелениот покрив се уредува според проект на архитектот Бесиан Мехмети.
„Се наоѓаме на најфреквентната раскрсница во нашиот град, каде што дневно поминуваат повеќе од 70.000 автомобили, место на кое се наоѓа државна мерна станица и место на кое избравме да го правиме овој зелен покрив од две причини. Прво, да го покажеме нашиот пристап на еднаквост на Градот, а второ, да го замениме зеленилото што во лудилото на проектот ‘Скопје 2014’ овде, на оваа микролокација, кај Ректоратот, беше уништено со цел да се изградат и недоизградат овие барокни згради што не се ниту дел од Универзитетскиот кампус. Искуството што го имаме со најексплоатираниот зелен покрив, зелениот покрив на Градскиот трговски центар, е навистина прекрасно. Мислењето на граѓаните и посетеноста ни даваат право како Град и како институции да продолжиме да вложуваме во овој тип на простор, кој во иднина ќе биде јавен. Во моментот може да видиме колку е сериозно уништен. Со реализацијата на овој проект не само што ќе имаме импакт со зеленило врз најголемата раскрсница во градот туку ќе влијаеме и врз самиот трговски центар. На луѓето ќе им овозможиме уште едно прекрасно катче, кое од вака руинирана површина што зрачи топлина поради бетонот, ќе стане површина на која граѓаните ќе може да поминуваат пријатни моменти“, изјави денеска градоначалникот Петре Шилегов.
На овој простор се планира да бидат засадени над 40 вида садници на вкупна површина од 4.000 квадратни метри. Значајно е да се истакне и дека Скопје во услови на пандемија на коронавирусот ќе добие уште едно прекрасно место на кое ќе може да се одвиваат културни настани на отворено со почитување на здравствените протоколи. Дополнително, овој зелен покрив се наоѓа во непосредна близина на комплексот факултети при УКИМ и Националната универзитетска библиотека, што го прави уште една зелена локација на која студентите ќе може да го користат своето слободно време во паузите.
„Зелените покриви се една од мерките за намалување на т.н. урбани топлотни острови, кои воедно даваат можност за развој на вегетацијата и животинскиот свет во урбаните средини, а со нив Скопје добива еден нов и модерен лик со многу зелени површини и урбани содржини, кои нè носат чекор поблиску до целта – нашиот град, конечно, да стане зелена престолнина со која сите ќе се гордееме“, велат од Град Скопје.
За реализацијата на проектот, Град Скопје потпиша меморандум за соработка со Здружението на корисниците на деловен простор во „Мавровка“ и со Општина Чаир, а проектот е донација од Здружението.
На денешниот настан присуствуваше и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

