Македонија
(Видео) Пренџов: Има 145.909 причини Филипче да си поднесе оставка

Пратеникот од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ГРОМ Љупчо Пренџов на денешниот протест пред Министерството за здравство насловен „Здравје, а не провизија – Оставка на Филипче, за спас од неспособноста која убива“, вели дека граѓаните имаат 145.909 причини да побараат оставка и одговорност од Филипче и Заев додавајќи дека додека граѓаните се оставени сами на себе, Филипче и Заев се возат со скапи мотори.
„Денеска сме овде затоа што имаме 145.909 причини да побараме оставка од овој кој што ни го води здравството во државата. Се наоѓаме овдека бидејќи имаме 4.388 причини да побараме оставка и одговорност и од него и од оној кој што му е шеф. Имаме 20.082 активни причини со кои што го повикуваме да се засрами и тој и неговиот премиер кои што се возат едниот напред, другиот позади на овие БМВ ексклузивни мотори по 30.000 евра, додека народот не знае од што повеќе е погоден, дали од епидемијата или од немаштијата, а тие си тераат забава“, рече Пренџов.
Обичниот народ, додаде тој, нема ниту здравствена, ниту економска заштита.
„Во оваа држава пред една година требаше да набавиме респиратори, се сеќавате тогаш велеа дека немало респиратори, дека сакале да платат респиратори за народот колку толку што е во болница да може да има надеж дека ќе дочека едно подобро утро. Денес гледаме респиратори немало, ама имало дадени пари за респиратори, 1.2 милиони се потрошени. Слушаме разговори, платена е царина во Бразил, платен е ДХЛ брза пошта, а за нашата држава и за нас нема ниту пари во буџетот, нема ни респиратори“, додаде Пренџов.
Пратеникот Пренџов посочи дека Филипче ветувал покачување за 5 проценти на платите на здравствените работници и медицинскиот персонал, но како што нагласи ниту ова ветување не го исполнил, нагласувајќи дека Македонија има министер кој наместо да обезбеди вакцини, тој наоѓал фирми од кои ќе може да заработи и да се збогати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.