Македонија
(Видео) Прилеп ја одбележа градската слава Свeти Никола

Во центарот на Прилеп денеска се прославуваше во знак на светецот заштитник на градот, Свети Никола. По повод одбележувањето на градската слава изутринава во црквата „Свето Благовештение“ се одржа празнична литургија на која освен домаќинот Тони Тарунџиоски од компанијата „Футура“ присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски и голем број верници.
Празнувањето продолжи пред параклисот на свети Никола во центарот на градот, каде што се изврши водосвет и прережување на славскиот колач.
Домаќин на годинешното чествување беше семејството Тарунџиоски, кои поради пандемијата со Ковид -19 а заради безбедност на сите, во договор со Општината минатогодишната прослава на верскиот празник Св.Никола ја одложија за оваа година. Семејството Тарунџиоски како домаќини за сите посетители подготвија посна трпеза, со традиционалните светиниколски сарми, грав, посни специјалитети и пијалоци.
Пред присутните гости градоначалникот Јовчески им ја честиташе славата на сите граѓани, на домаќинот Тони Тарунџиоски од компанијата Футура, како и кумството на новите домаќини Теракота Инжинеринг, со желби за добро здравје, среќа и бериќет во сите домови.
„Традицијата претставува идентитет на секоја држава, а нешто што не прави горди нас како прилепчани е токму таа, уметничкото творештво, историјата, археолошките локалитети, познати музички, актерски, спортски имиња и презимиња. Во таа насока јас како градоначалник, ќе продолжам да го развивам актуелното творештво, со се поголем интензитет, а Општина Прилеп ќе ги чува и негува локалните традиции и духовноста обновувајќи го Прилеп како препознатлива дестинација во која ќе може секој еден турист, гостин, добронамерник да не посети и да го доживее духот на вековното традиционално наследство” истакна градоначалникот Борче Јовчески.
Во своето обраќање домаќинот на градската слава Тарунџиоски порача дека благодарение на бога и патронот на град Прилеп Св. Никола, денеска е домаќин на нашата градска слава, и се надева дека годината што следи ќе биде подобра за сите граѓани.
Сопствениците на компанијата „Теракота“ се обратија пред присутните истакнувајќи го задоволството од укажаната чест да бидат домаќини на градската слава наредната година, и во името на сите вработени во нивната компанија и во нивно лично име се обврзаа и догодина достојно како домаќини да ја продолжат традицијата во Прилеп.
Митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар, рече дека пораката што денес ја испраќа до присутните е да го следиме примерот на свети Никола, патрон и заштитник на општина Прилеп и дека во рамките на епархијата па и во цела држава Прилеп е единствената Општина која на ваков свечен начин го одбележува верскиот празник посветена на светецот Св. Никола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Температурите во среда и четврток ќе паднат под нулата

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Управата за хидрометеоролошки работи ги информираат земјоделците дека во наредните денови 29 и 30 март (среда и четврток) земјата ќе биде зафатена од ниски температури под нулата.
Минималните температури на 29 март ќе изнесуваат -5 степени во Крива Паланка, -4 во Ресен и Битола, -3 во Прилеп и Тетово, – 2 во Скопје, Струмица и Кочани, -1 во Демир Капија и Штип, додека 0 степени ќе биде минималната температура во Кавадарци. За 30 март пак минималната температура ќе изнесува -4 степени во Крива Паланка, – 3 во Битола, -2 степени во Струмица, Ресен и Тетово, а -1 во Скопје и Прилеп.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира до земјоделците навремено да преземат мерки за заштита на овошните насади од измрзнување.
Македонија
Лукаревска со новоизбраните претседатели на партиските комисии: Ветеното го исполнуваме, растат платите и пензиите

Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска денеска одржа работен состанок со новоизбраните претседатели на партиските комисии.
На средбата се разговараше за актуелни теми, процесот на комплетирање на составите на комисиите, динамиката на следните активности, како и степенот на реализација на Програмата од изборите во 2020 година по соодветни области.
„Комисиите се важен дел од функционирањето на партијата, особено во креирањето на мерките и политиките за Програмите на СДСМ. Огромен дел од клучните ветувања во Програмата за парламентарните избори во 2020 се веќе реализирани или се во фаза на реализација. Година и половина пред предвиденото минималната плата надмина 20.000 денари, а просечната стигна на 34.000 денари, истовремено го зголемивме и лимитот за поврат на Мој ДДВ на 2.100 денари по тромесечје. Тоа е доказ дека нашите комисии се капацитетни, дека знаат да направат сериозни процени и навистина да креираат остварливи решенија во интерес на граѓаните и државата“ порача Лукаревска.
Пред присутните Лукаревска најави дека во периодот што следи ќе започнат различни активности околу подготовка на новата програма, затоа што како што истакна таа, навременоста и инклузивниот процес се клучот за создавање одржливи решенија.
Македонија
Директорот на ДУИ во Државни патишта за косење трева склучил договор од 2 милиони евра, реагира Николоски и укажува на корупција

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски го обвини директорот на ЈП Државни патишта од ДУИ, Ејуп Рустеми дека склучил договор за тендер за косење на трева, кастрење на гранки и сечење на дрвја во вредност од над 2 милиони евра.
„Ова е еклатантен пример за криминал и корупција кој што се случуваат во Македонија“, напиша Николовски на својот профил каде го прикажа и договорот за тендерот.