Македонија
(Видео) Роботска хирургија во воената болница и реконструкција на седум операциони сали и лаборатории, најави Николоски

Воената болница во Скопје ќе добие нови седум операциони сали, нови лаборатории, адаптирани нови простории во интерес на пациентите, истакна денеска вицепремиерот Александар Николоски.
Проектот за реконструкција и адаптација на болницата опфаќа реконструкција простор од преку 3000 м2, и како што рече вицепремиерот Николоски, ќе промовира повисок квалитет на здравствени услуги кон пациентите.
Тој најави дека се очекува целиот проект да заврши оваа година.
„Проектот предвидува реконструцкија на хирушкиот дел во вкупна површина од 2000 м2, седум операциони сали од кои што две ќе бидат за абдоменална хирургија, две ќе бидат за уролошки интервенции, една за уво нос и грло и една за очна хирургија и она што за прв пат се воведува е роботска хирургија, нешто што сме го гледале во странство досега. Понатаму, интензивна нега на површина од 500 м2, предвидени се 7 целосно оперемени боксови за пациенти со најсовремени кревети линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, придружни простории од 800 м2, стерилизација и биохемиска лабораторија на површина од 100 м2, микробиолошка лабораторија од 80м2, лабораторија за патологија што многу ќе им помогне на онколошките пациенти и трансфузиолошка медицина. Тука спаѓа и саниција на кровот како и поставување на ефикасен систем на греење и ладење, реконструкција на лифтовите, што се заедно треба да не донесе во ситуација некаде крајот на октомври да имаме целосна реконструирана болница 8 Септември што ќе е од голем бенефит за граѓаните“, истакна вицепремиерот Николоски.
Претходно денес беше најавена и изградба на нова терминална зграда и реконструкција на охридскиот аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Контролираните судии од тефтерчињата на ДПМНЕ се срам за македонското правосудство

Бране Петрушевски, кој не знае ништо друго освен да држи прес-конференции и да глуми опозиција, треба да знае дека сите судии кои денес се дел од судскиот систем се од „тефтерчињата“ на неговите партиски поранешни функционери, реагираат од СДСМ на изјавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ дека пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово е срамна.
„Петрушевски треба исто така, да ѝ каже на јавноста дека токму ВМРО-ДПМНЕ, а не СДСМ, донесе закон со кој се намалија казните. Добро познатиот Михајло Маневски го донесе тој закон. Затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да молчи и да не глуми загрижена опозициска партија. За речиси цела година, колку што се на власт, од реформи во судството досега успеаја само да изберат сопруга на нивен градоначалник во Судскиот совет и баџанак на нивниот партнер Изет Меџити за судија. Тоа се реформите на ВМРО-ДПМНЕ во судството“, се вели во реакцијата.
Цела година, велат од СДСМ, Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ не направија ниту една реформа и нема донесено ниеден реформски закон.
„Цела година Петрушевски само држи партиски прес-конференции, се заканува од говорница, а неговата Влада нема реализирано ништо по ова прашање. СДСМ и Филипче се први кои побара реформи во судството и први понудија поддршка за носење реформски закони за европско судство. Очигледно, само Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ немаат интерес за промени, бидејќи им одговара темата за да држат партиски прес-конференции. За крај, Бране Петрушевски треба да одговори: како тоа прво не им одговараше јавниот обвинител и обвинуваа дека бил човек на СДСМ, а сега одеднаш им одговара? Како тоа Мицкоски беседеше и се закануваше дека ќе ги распушти сите судски институции, а потоа се повлече? Затоа, Бране нека одговори конкретно на овие важни прашања и нека сфати дека се на власт и дека пред себе имаат јасна агенда за реформи – која не ја спроведуваат“, пишува во реакцијата.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Срамна пресуда за модуларната болница во Тетово

Судот денеска изрече срамни казни за тогашните директори на Клиничка болница Тетово, а за случајот во кој изгореа 14 лица во Модуларната болница во Тетово. По една година и шест месеци ефективна затворска казна за Флорин Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово и Артан Етеми, економски директор во болницата. Замислете, правното лице Клиничка болница Тетово беше прогласено за виновно да плати околу 16-тина илјади евра, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, ова се ниски, срамни, далеку од правото, посебно од правдата казни за случајот во кој изгореа 14 лица, а се случи во септември 2021 година во Тетово.
По ваква пресуда, рече Петрушевски, ни останува само едно, да ги повикаме надлежните, а воедно и да најавиме до сите вас, итни и неодложни реформи во правосудниот систем.
„Оваа пресуда е класичен пример дека правосудниот систем е под влијание на СДС и ДУИ, поточно да не ги ставаме сите во ист кош, тоа се поединци кои настапуваат по волјата на СДС и ДУИ, а не судат по правните норми. Сега пак, мора да ги повикаме надлежните да пристапат кон постапка за разрешување на оние кои се инволвирани во носењето на оваа срамна пресуда за Модуларната болница во Тетово. Воедно ја повикуваме Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе оваа срамна пресуда“, рече Петрушевски.
Тој ги повика Филипче и Ахмети да се изјаснат зошто, како што рече, си поигруваат со судбината на граѓаните.
Тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи секаков израз на незадоволство од пресудата.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 22 степена

Времето утре ќе биде променливо облачно, во западните делови со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Следува период на претежно стабилно време, до понеделник со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст. Од средината на следната седмица ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.