Македонија
(Видео) СДСМ бара разрешување на Христовски од АНБ: „Тој е партиски кадар и пропагандист на ДПМНЕ“

„Со назначувањето на Бојан Христовски власта на Мицкоски и ДПМНЕ прави опасна партизација на Агенцијата за национална безбедност и ги крши законите. Во член 10 од Законот за АНБ јасно стои дека директор на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија“, вели Методија Илиевски од СДСМ.
„Наместо професионалец, на чело на АНБ власта поставува партиски човек, претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и активен пропагандист на власта.
Бројни објави, фотографии и натписи на неговата Фејсбук страница кои целосно го потврдуваат ова. Буквално секој негов пост, е посветен на ДПМНЕ и во функција на пропагандата на Мицкоски.
Христовски го има на слики во речиси сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Може да се види многу горд со Мицкоски, со Силјановска, и како ревносно ги пропагира политиките на неговата партија.
Буквално нема неполитичка, ниту некаква професионална објава на Христовски, сите му се партиски. Дури и во последните објави на Христовски се гледа тоа. На 25 септември, со слика пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ќе објави дека „ја чува организацијата“.
Кога ги гледате овие објави многу смешно личат изјавите на Мицкоски и ДПМНЕ дека се деполитизирал, тоа едноставно е чиста лага.
Но, има и објави кои се загрижувачки и кои покажуваат какви се неговите скриени намери против самата институција на којашто е поставен.
Еве ја таа објава. На 1 септември оваа година Христовски ќе напише, цитирам „Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!“
Се поставува прашањето дали Христовски по партиски налог всушност ќе работи за уништување на АНБ?
Со партизација на оваа важна институција, власта има единствена цел повторно да ги злоупотребува безбедносните служби за партиски цели. Исто како и во времето пред 2016 година.
АНБ треба да остане независна институција која ќе работи за доброто на сите граѓани, а не за интересите на една партија и еден човек, а тоа се Мицкоски и ДПМНЕ.
На политиката и на партиските кадри не им е местото во АНБ.
Бараме итни мерки за департизација, односно разрешување на Христовски и назначување на нов директор на АНБ, со што ќе се врати професионализмот и довербата во оваа институција“, соопшти Методија Илиевски од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.