Македонија
(Видео) СДСМ: Максим Димитриевски стекнал стан од 97 квадрати за само 2.500 евра

Општина Куманово е само алатка за остварување на приватните бизнис интереси на градоначалникот Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски, обвини Атина Мургашанска, советничка во Советот на општина Куманово.
„По скандалот со продажбата на земјиштето кај поранешен ЧИК, излегува нов сомнителен случај – нов скандал, шеми со станови вредни околу 140.000 евра. Одиме по ред. Во 2010 година, Максим Димитриевски купува 10.000 м² земјиште за 10.000 евра. Односно по едно евро за квадрат. Тогаш не е градоначалник, но токму ова земјиште подоцна, кога станува градоначалник, е клучна алатка за оваа сомнителна шема.Во меѓувреме компанијата „Е вгенија план ДОО увоз-извоз Куманово, добива дозвола за градење и гради зграда. Но, подолг период од непознати причини, оваа компанија не можела да добие технички прием. Димитиевски станува градоначалник, компанијата не добива дозвола за технички прием, сè до моментот кога кумот на Димитриевски купува два стана во зградата од по 97 кавдрати. Потоа, техничкиот прием е одобрен.Еве го купопродажниот договор за двата стана од по 97 квадрати на кумот на Максим од август 2022 година“, рече таа.
Само неколку месеци потоа, додаде Мургашанска, истата 2022, еден од тие станови кумот му го префрла на Масксим Димитриевски со размена на недвижност ама не за реалната цена од околу 70.000 евра, туку за 2.500 евра.
„Како е можно стан во Куманово од 97метри кавдартни да го добие Димитриевски за само 2.500 евра? Преку размена за една четвртина од ливадата купена во 2010 година, за едно евро по квадрат. Значи Димитриевски се стекнал со стан во Куманово од 97 кавдарти вреден 70,000 евра за само 2.500 евра“, тврди таа.
Според неа, овој скандал отвора сериозни прашања за можна корупција, перење пари и судир на интереси кои мора да бидат расчистени целосно.
Таа прашува дали станува збор за перење пари, дали е ова дел од коруптивна шема поврзана и со техничкиот прием на згрдата и дали градоначалничката функција е злоупотребена за приватен профит?
„СДСМ бара итна истрага од надлежните институции. Куманово заслужува чесно раководство, а не станбени афери и злоупотреби, Јасно е дека Димитриевски не работи за Куманово, туку за себе и за блискиот фамилијарен круг. Но, Куманово не е негова семејна компанија“, рече Мургашанска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Целосна поддршка за пратеничката Мимоза Муса, покажа висок политички и институционален интегритет во чувствителен период

„ВЛЕН ја изразува целосната поддршка и благодарност за принципиелниот и непоколеблив став на пратеничката Мимоза Муса, која покажа висок политички и институционален интегритет во чувствителен период за албанската политичка сцена во земјата“, велат од ВЛЕН.
„Пратеничката Муса, избрана претставничка од редовите на Алијансата за Албанците, остана лојална на волјата на 107 илјади албански граѓани кои му дадоа доверба на овој коалиционен блок со цел да донесе промени и да отвори ново поглавје на чесно политичко претставување.
Нејзиниот став е јасен доказ дека претставувањето во Собранието не е само политички мандат, туку мисија во служба на граѓаните, на вистината и на стремежот за длабока реформа на албанската политика.
ВЛЕН потврдува дека единството, принципите и лојалноста кон граѓаните се темелот врз кој ќе ја изградиме нашата политичка иднина. Нашите пратеници, без исклучок, се обврзани да ги застапуваат граѓанските интереси и да се држат далеку од каков било компромис што е во спротивност со волјата на слободниот глас.
Јавно ѝ се заблагодаруваме на г-ѓа Муса и ѝ посакуваме понатамошен успех во достоинственото претставување на интересите на албанските граѓани“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски на одбележувањето на Националниот ден на Власите

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва присуствуваше на Свечената академија што се одржа во Македонскиот Народен театар по повод 120 години од официјалното признавање на Власите како посебен народ.
На настанот беше присутен државниот врв, претставници на институции, организации и бројни членови на влашката заедница во Македонија.
„Влашкиот народ има длабоки историски корени и значајна трага во македонското културно и општествено ткиво. Со својот труд, со својата култура и посветеност, тие оставиле и сѐ уште оставаат длабоки траги во економскиот, културниот и општествениот развој на нашата држава.
Ова е ден кога се потсетуваме дека секоја етничка заедница е непроценлив дел од мозаикот на македонската државност. И токму затоа, наша обврска како институции е да продолжиме да создаваме општество во кое секој ќе се чувствува виден, вреднуван и подеднакво вклучен.
Горди сме што Општина Кисела Вода е дом и на бројни припадници на влашката заедница и ќе продолжиме да ги поддржуваме сите иницијативи што водат кон градење на почит, соработка и траен соживот“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Сиљановска-Давкова во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил и се поклони на гробот на сесловенскиот просветител.
Молебенот, на којшто присуствуваа членовите на државно – црковната делегација, претставници од дипломатскиот кор и други гости, го отслужија владиката Јосиф и владиката Јаков со претставници на Македонската православна црква — Охридска архиепископија.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим, првпат е организирано во 1969 година по повод 1100 години од неговата смрт. Оттогаш секоја година, на 24 мај, со највисоки почести се одбележува во присуство на македонска државно – црковна делегација.