Македонија
(Видео) СДСМ повторно порача дека Мицкоски треба да си поднесе оставка: „Тој и Апасиев се едно исто“
Мицкоски да поднесе оставка, јавноста виде дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица се исто, изјави денеска на прес-конференција пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.
Каевски рече дека по сите лаги за наводно ново парламентарно мнозинство, Христијан Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да си даде оставка од партиската функција.
„Заради желбата за власт Мицкоски седна на иста маса со политичари кои се анти НАТО и анти ЕУ, со политичари кои се против Договорот од Преспа, против Охридскиот рамковен договор, против концептот едно општество за сите. Заради пуста желба за власт, Мицкоски ги погази сите негови претходни ставои, уште еднаш се потврди дека тој нема став, дека е обичен калкулант желен за власт. “, рече Каевски.
Според СДСМ, со последниот обид за формирање на ново мнозинство се покажало и дека Димитар Апасиев од Левица е потрчко на Мицкоски.
Стана јасно, рече Каевски, дека Левица е исто што и ВМРО-ДПМНЕ, дека Мицкоски и Апасиев се едно исто.
„Се што Мицкоски кажа – излажа. Дури и парламентарното мнозинство го кроеше преку лаги и измами кон луѓето со кои седеше на иста маса. Затоа оставка. Мицкоски кончено треба да покаже грам одговорност и да си даде оставка. Граѓаните не сакаат и не заслужуваат политичари кои немаат став, кои едно зборуваат а друго прават. Мицкоски мора да им се извини на граѓаните за сите лаги со кои ја замајуваше јавноста, а потоа да преземе одговорност и да се повлече од политиката“, додаде Каевски пред новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

