Македонија
(Видео) Сиљановска: Да сум апсолутен монарх можам да кажам ќе го сменам Уставот, јас не можам да ја суспендирам парламентарната демократија
„Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија не зависи од мене. Да сум апсолутен монарх, можам да кажам ќе го сменам Уставот. Пратениците ги претставуваат граѓаните кои гласаат по сопствено уверување. Јас не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но разговаравме за сите прашања. Велам разговаравме. Ние не може да донесеме решение кое ќе го наметнеме“.
Ова го изјави претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по средбата со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, објави БГНЕС.
„Факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава, но факт е дека дијалогот е клучното решение“, рече претседателката.
„Се обединивме околу најважното – европската интеграција, околу копенхагенските критериуми, околу регионалниот пристап кон решавање на проблемите, околу тоа дека нема да ги повториме грешките и ќе трагаме по компромисот и единственото решение, без никој да се чувствува повреден и без никој да мисли дека е заборавен“, додаде Сиљановска-Давкова.
Таа изрази сочувство за двајцата пилоти кои денеска загинаа во несреќата во воздухопловната база Граф Игнатиево.
„Сакам да започнам со изразување на моето најдлабоко сочувство за авионската несреќа и за двајцата пилоти кои загинаа. Да бидам искрена, дури и слушањето на операта Набуко во ваков амбиент, добива нова димензија. Целосно разбирам дека претседателот (Радев) и неговата сопруга не можат да ме придружуваат на операта. Уште еднаш се докажа дека не сме случајно први соседи, судбината решила да живееме заедно. Уште еднаш се докажа дека зборот е најважен во Библијата, дека кога ќе седнете да разговарате, водени од добра волја, ќе направите еден голем исчекор кон пронаоѓање заеднички важни одлуки. Не сум случајно овде, дојдов да разговараме. Сега се разбира дека очекувам претседателот (Радев) да дојде во Скопје. Убедена сум дека по денешниот разговор во една дебатна, пријатна атмосфера, дека ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека тоа ќе се случи утре, но важно е да се започне. Сигурна сум дека, како што честопати велам, мислата може да биде побрза од светлината. Ако се слушаме, се почитуваме и имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат“, рече претседателката Силјановска-Давкова, објави БГНЕС.
Таа додаде дека не е одреден датумот кога би можел Радев да дојде во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

