Македонија
(Видео) Симоновски: Учениците немаат учебници, дадени им се материјали да си печатат сами

„Учебната година почна, министерот за образование и наука единствено нешто што законски реализира е само календарот за работа, т.е. учебната година почна на 1 септември, сè друго е ставено на маргините. Учебници нема, материјали се дадени електронски, родителите сами да ги печатат, може да се набројува до бесконечност за што и веќе говоревме. Вака ли, министре, се грижите за нашите ученици? Вашата грижа е финансискиот товар да биде на родителите, самите да се снаоѓаат за нешто што е ваша грижа. И ќе беше во ред да е само ова, но не e. Министре, не се грижите за родителите, за учениците и за наставниот кадар, кој требаше да го обезбедите“, рече Иван Симоновски, член на Комисијата за образование и наука при ВМРО-ДПМНЕ.
„Според член 54 став 5 од Законот за основното образование, за наставата по физичко и здравствено образование од прво до петто одделение се вклучува наставник по физичко и здравствено образование. Дали во учебната 2023/2024 година се вклучени наставници по физичко и здравствено образование? За жал, и на ова прашање одговорот пак е НЕ. А зошто, министре, затоа што МОН не ја извршува својата должност, немате доставено согласности за ново финансирање, министре! Немате време да размислувате за ова?
Одделенските наставници сами си ги реализираат часовите, иако не им се платени, иако држат повеќе часови од што е предвидено и СЕКОЈА ЧЕСТ за нив. Не ги оставаат учениците и се трудат да ја поправат вашата негрижа иако е на нивна штета. Ги оставивте учениците без со закон предвиден компетентен кадар за реализација на наставата по физичко и здравствено образование. Образование е во прашање, недозволиво е да се импровизира.
Но, вие сте министер, ваша обврска е, СРАМОТА Е сите инволвирани во воспитно-образовниот процес да трпат последици поради вашата неспособност. Го уништивте образованието, ги пониживте наставниците, кои се темелот на една држава, ги осакатувате учениците, ги омаловажувате родителите, работите незаконски.
Почитуван министре, се извинувам за компарацијата што ја правам, но образовниот систем и педагошката наука имаат огромна доза сериозност, наука е во прашање, министре, не е трач рубрика за да се однесувате со ваква ноншалантност и несериозност“, изјави Иван Симоновски, член на Комисијата за образование и наука при ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.