Македонија
(Видео) „Со заокружување на број 2 на 24 април, на Пендаровски ќе му помогнеме да ги пакува куферите“, кажа Мицкоски

Секогаш кога имаме влада од СДСМ има директен удар врз македонскиот идентитет, затоа мора да се потсетуваме да не се заборави, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Гостивар.
Мицкоски рече да треба да не загрижува принципот во трите збора „како до сега“.
„И тука има голема вистина, сите потценуваат, јас само сакам да предупредам што се случува изминативе дваесет години. Овој принцип значи наместени тендери во 4 очи, повеќе имот на семејството на Груби низ Македонија, уште некоја утакмица во раскошните кабинети кои вие ги плаќате, уште некоја нова Соравија, уште некоја нова хациенда“, кажа Мицкоски.
Тој апелираше дека граѓаните ќе имаат можност на 24 април да заокружат број два и оти ништо нема да има од ова до сега.
„Така Македонија ќе биде повторно горда, со заокружување на број 2“, потенцираше Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на Стево Пендаровски и неговата реторика на средбите со граѓаните и митинзите.
„Пред три дена, Пендаровски ја кажа целата вистина содржана во неговото битие, излезе пред граѓаните и рече – се сеќавате 2019 дека ви реков ќе победиме, и им вели ако не водиме во првиот круг очи не сакам да ви видам. Е тоа е Стево кој немаше да знае каде е Македонија, тоа е тој кој повеќе од 30 години функционира на македонската политичка сцена и е измеќар и слеп послушник“, вели Мицкоски.
Тој му порача на Пендаровски дека народот со заокружување на број 2 на 24 април ќе му помогне да почне со пакување, а на 8 мај веќе да ја напушти Македонија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа дека понуда од другата страна е Гордана Силјановска Давкова.
„Од друга страна е Гордана Силјановска Давкова која е класичен прототип на горда Македонија, борец во македонскиот парламент која заедно со колегите останаа доследни во борбата за Македонија и не го прифатија бугарскиот диктат“, посочи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) ДЗС: Борбата против огнот во ловиштето Јасен продолжува

Борбата против огнот во ловиштето Јасен продолжува. Од земја дејствуваат припадници на специјалните единици на Армијата и Полицијата заедно со екипи на ЈП Јасен. Од воздух дејствуваат еден ер трактор на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Од таму велат дека една линија на пожарот која се протегала исклучително стрмно над асфалтираниот пат кој низ ловиштето Јасен води од Скопје кон езерото Козјак, е успешно изгасната од страна на армиските Волци со што е спасена поголема површина зимзелена шума.
Од ДЗ напоменуваат дека борбата со огнот на моменти е ризична поради што се уште не може да се воспостави контрола над овој шумски пожар кој се одвива на екстремно тежок терен.
Во врска со останатите пожари, ДЗС информира дека пожарот над с. Свиларе е целосно изгаснат додека пожарот на територијата на с. Радуша се уште е активен и се движи кон општина Јегуновце.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Новото раководство во Еразмус е во целосна координација со канцеларијата на ЕУ

СДС нека провери во своите редови пред да зборува следен пат, Лидија Димова беше разрешена од Агенцијата заради злоупотреба на финансиски средства, не постои институција во која СДС нема направено криминал, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ во врска со обвинувањата од СДСМ за новото раководство на „Еразмус“.
„Актуелното решение е во целосна координација со канцеларијата на Европската Унија. Истите забелешки, СДС нека ги сподели и со канцеларијата на ЕУ. Во меѓувреме, пред да излезат со прес-конференции и соопштенија, СДС прво да си го погледнат својот двор. Впрочем, нивниот „двор’’ е полн со луѓе кои обавувале јавни функции и скоро па да нема некој кој не бил поврзан со некаков сомнеж или сторен криминал. Таков случај беше и оној, кога Лидија Димова како директорка на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, ја злоупотребила службената положба и проневерила заедно со уште две лица, околу 20 милиони денари. Димова предизвикала шета на други средства во државата со кои управува Европската заедница во вкупен износ од околу 20 милиони денари, со коишто Димова направиле две кривични дела. За конкретниот случај, таа беше и обвинета од страна на ОЈО ГОКК.
Да потсетиме, тогашниот премиер Заев ја присили Димова да не ја поднесува пријавата за сторен криминал од 2,2 милиони евра, кој потоа Европската заедница си ги бараше назад. Овие пари завршиле кај исти луѓе и тендерите ги добиле исти две фирми поврзани со овие луѓе. Оваа мрежа имала своја логистика во Националната агенција, а првопријавеното лице и во кабинетот на премиерот, како близок пријател на еден од националните координатори во Владата.
Затоа, СДС нека си ги проверува своите редови и криминалите што ги има направено. Знаеме дека се многу и понекогаш можеби ги забораваат, но затоа тука сме ние да ги потсетиме и да го повикаме ЈО да си ја извршува работата“ пишува во реакцијата.
Македонија
ЗНМ и ССНМ бараат итна проверка на околностите со случајот со новинарите во Демир Хисар

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост поради начинoт на постапување на полициски службеници кон новинари од пелагонискиот регион.
„Случајот за кој веќе испративме официјален допис до Министерството за внатрешни работи, се однесува на известување за разрешувањето на директорка на училиште во Демир Хисар, кога полициски службеници им пристапиле на новинарите додека тие известувале од настан од висок јавен интерес, барајќи нивно легитимирање, иако било очигледно дека се работи за медиумски работници со професионална опрема. Настанот се случил на јавна површина – двор на училиште. Сметаме дека вакви ситуации може да се протолкуваат како обид за вршење притисок врз новинарите, што е недозволиво мешање во нивната работа и нарушување на медиумските слободи“, соопштија ЗНМ и ССНМ.
Од таму велат дека во дописот до МВР бараат итна и сеопфатна проверка на околностите, утврдување на законската основа за ваквиот вид постапување и одговорност доколку се потврди дека полициските службеници ги пречекориле своите овластувања.
„Очекуваме МВР и Секторот за внатрешна контрола во најкус можен рок да информира за утврдените околности и доколку се потврди прекршување на овластувањата, да преземе соодветни мерки против одговорните службеници“, се наведува во заедничкото соопштение.