Македонија
(Видео) Со цитати од Конески и Мартиновски, Ципрас упати поддршка до Заев
Претседателот на грчката партија СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас, упати видеопорака со поддршка на претседателот Зоран Заев, СДСМ и коалицијата „Можеме“.
Во видеото, цитирајќи ги македонските поети Блаже Конески и Владимир Мартиновски, Ципрас посочи дека претседателот Заев и СДСМ отворија ново прогресивно поглавје во историјата на Северна Македонија, но и на европскиот Балкан и дека таквото поглавје базирано на соработка, економски напредок и социјална правда може да продолжи само со СДСМ и Зоран Заев на чело на идната влада.
„Пред две и пол години го запознав Зоран Заев. Го препознав во него истото она што го покажуваат многу други лидери – дека тој не зборуваше за минатото, туку за иднината. Тој не зборуваше за проблеми, туку за решенија. Тој не ги изразуваше балканските несигурности на мала европска земја, која се плаши да ја изгуби својата историја, тој ја искажа европската визија за самоуверена балканска земја, која се бори за создавање историја. Не историја со војни, нетолеранција и сиромаштија, туку ново прогресивно поглавје во историјата на европски Балкан, базирано на заемна почит, соработка, толеранција, економски развој и социјална правда. Иднина во ЕУ и НАТО, како што избра народот на Северна Македонија“, вели Ципрас во видеопораката.
Понатаму додава: „Пред многу години вашиот голем поет Блаже Конески напиша: ‘Уште рика истата мака во мене, дека сум роден во смачкано племе, сејач на глуво семе’. Но, во последните две години, по потпишувањето на преспанскиот договор, слушам поинаква песна на надеж, од новата генерација на Северна Македонија. Владимир Мартиновски вели: ‘Купете две векни мир и семе, да го израснеме назад загубеното време’. Па, и јас, заедно со оваа нова генерација, велам, на 15 јули купете две векни мир и семе, да го израснеме назад загубеното време“, порача Ципрас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

