Македонија
(Видео) Спасовски и Брнз на тактичка вежба на МВР и американската амбасада

Во полицискиот центар „Ѓорче Петров”, касарната „Илинден” и Амбасадата на САД денеска беше изведена оперативно-тактичка вежба од страна на МВР, во координација со американската амбасада.
Како што инфоримираат од МВР, вежбата била изведена на три локации – дел од вежбата била изведена во Куќата за пукање во рамки на Полицискиот центар „Ѓорче Петров”, а вториот дел бил изведен во Амбасадата на САД, при што била проследена вежба за Јавен ред и мир – насилни демонстрации.
„Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз зеде активно учество во практичниот дел на вежбата која беше реализирана во неколку фази преку координирана заедничка акција на персоналот одговорен за обезбедување на Амбасадата на САД и припадниците на Специјалната антитерористичка единица ‘Тигар’, Единицата за брзо распоредување, Одделение за воздухопловни единици, Сектор за внатрешни работи Скопје – Единица за интервентна полиција, Сектор за внатрешни работи Скопје и тоа:
– Напад на конвој
– Насилни демонстрации
– Активен пукач
– Вонредна состојба (природна катастрофа – земјотрес)
– Преглед и претрес на дворната површина во амбасадата на САД
– Евакуација на амбасадорот и персоналот на Амбасадата на САД на безбедна локација (база на САЕ-Тигар)
– Укажување прва помош“, се наведува во соопштението на ресорното министерство.
Покрај амбасадорката на САД во земјава, на настанот присуствувале и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Одделот за специјални полициски операции, Бранко Трајановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР: Нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнување тензии

Министерството за надворешни работи ги осудува насилните и несоодветни постапки на дел од учесниците во синоќешните протести. Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството, стои во соопштението на МНР.
„Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневно – политички говор, што преставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија. За овие бројни прекршувања, согласно внатрешните процедури, Министерството ќе преземе соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија“ велат од Министерстово.
Оттаму нагласуваат дека „претставници на синдикатите се секогаш вклучени при одлучување за правата и обврските на вработените во МНР, и како и досега, сите конструктивни забелешки се добредојдени и се земаат предвид“.
„Министерството за надворешни работи со должно внимание ги следи сите искажани ставови и препораки кои се дел од широкиот консултативен процес и тие претставуваат суштински инпут при креирањето на идните надворешно – политички чекори“ се вели во соопштението.
Македонија
Регистрирани се 266 нови позитивни ковид-случаи, нема починати лица

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 953 тестови, а регистрирани се нови 266 случаи на Ковид-19: Скопје – 168, Куманово – 17, Битола – 14, Тетово – 12, Прилеп и Штип – по 9, Гостивар – 7, Кочани и Пробиштип – по 5, Кавадарци и Кичево – по 4, Струмица и Крива Паланка – по 3, Струга и Радовиш – по 2, Неготино и Ресен – по 1.
Од вкупниот број на позитивни (266), регистрирани се 64 реинфекции.
Регистрирани сe 119 оздравени пациенти од: Скопје – 73, Битола – 7, Прилеп и Кочани – по 6, Струмица и Велес – по 5, Куманово и Кавадарци – по 4, Тетово – 3, Гостивар и Виница – по 2, Пробиштип и Делчево – по 1.
Во текот на изминатите 24 часа не е пријавено ниту едно починато лице. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој термин нема регистрирано починато лице.
Досега во земјата бројот на починати е 9.327, а бројот на активни случаи изнесува 1.273.
Македонија
(Видео) Партиска средба за разгледување на францускиот предлог

Во Клубот на пратениците во тек е средбата на работните групи на политичките партии за разгледување на францускиот предлог чие евентуално прифаќање би значело тргање на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со Европската Унија.
Партиските претставници се очекува да ги изнесат своите ставови и забелешки за предлогот.
Оваа група ја сочинуваат вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пратениците Антонио Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.