Македонија
(Видео) Спасовски: Организираниот криминал не познава граници

Oрганизираниот криминал не познава граници и е во постојано движење и обезбедувањето сигурна и безбедна средина за живеење за нашите граѓани – што претставува една од основните задачи на службите што ги раководиме – може да се реализира единствено преку постојано зајакнување на заедничката оперативна соработка и побрза и поефикасна размена на информации на билатерално и на мултилатерално ниво, рече министерот Оливер Спасовски на отворањето на генералното собрание на Асоцијацијата на шефови на полициски служби на Југоисточна Европа (СЕПКА) во Охрид.
„Реализирајќи ја целта на Асоцијацијата за зацврстување на квалитетот на полициското работење во согласност со демократските принципи и поддржувајќи ги активностите за развивање и изградба на капацитетите за обезбедување и размена на информации, како и продлабочување на регионалната и меѓународната соработка, првото генерално собрание во рамките на претседавањето со СЕПКА на Република Македонија го замисливме како појдовна основа за промовирање на мисијата на Асоцијацијата за континуиран развој, интеграција и имплементација на стратегиите и процедурите за полициско работење во регионот. Професионалниот развој на полицијата во регионот зависи, пред сè, од ефикасноста на мерките за спречување и борба против прекуграничниот организиран криминал и развивање на регионалните партнерства меѓу полицијата и заедниците“, рече министерот Спасовски.
Според него, секоја соработка меѓу државите е чекор напред и начин повеќе да останеме сплотени во заедничката борба против криминалот.
„Регионалната соработка, добрососедските односи и градењето доверба меѓу нас се клучни елементи за стабилност на нашите земји и регионот, воопшто. Тие треба да бидат наш императив, без разлика на проблемот со кој се соочуваме. Индивидуалните постигнувања ќе бидат запаметени, но она што секогаш треба да го ставаме на прво место е тимскиот дух и компактноста што ја покажуваме. Полициските служби од регионот преземаат сопствена иницијатива преку регионална соработка да го докажат постојниот капацитет на земјите сами да соработуваат, да ги усогласат сопствените политики и да придонесуваат кон зголемување на ефективната борба против организираниот криминал, тероризмот и подобрувањето на ситуацијата во регионот. Оттука, Република Македонија како земја домаќин, сега и во иднина, ќе дава несебична поддршка преку исполнување на обврските што произлегуваат од склучените и усвоени документи за воспоставување и унапредување на соработката во рамките на СЕПКА, рече министерот.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, потенцира дека како претседател на Асоцијацијата за оваа година лично ќе се заложи за заживување на ова здружение.
„Секако, за тоа ќе ми биде неопходна вашата лична и професионална соработка и помош за заеднички да ги адресираме проблемите со кои со соочуваме и кои ни претставуваат проблем во секојдневното работење. Би сакал да се заблагодарам на Сојузното министерството за внатрешни работи на Република Австрија за несебичната и долгорочна поддршка на Асоцијацијата на шефови на полициски служби на Југоисточна Европа. Благодарам и за соработката што и поддршката што ја добиваме и натаму ќе ја добиваме од Европол“, рече Велковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Ѓорче Петров го одбележа 9 мај – Денот на победата над фашизмот

На споменикот на партизаните – симбол на отпорот и жртвата за слобода, со длабока почит и во духот на незаборав, денеска во паркот во Ѓорче Петров беше одбележан 9 Мај – Денот на победа над фашизмот.
На настанот присуствуваа бројни делегации кои им оддадоа почит на борците за слобода. Делегацијата од Општина Ѓорче Петров ја предводеше градоначалникот Александар Стојкоски кој во своето обраќање истакна дека овој ден не е само историски настан, туку ден на живо сеќавање.
„Ова е и ден кога се потсетуваме на оние кои застанаа против најголемото зло на 20 век и го платија тоа со сопствениот живот, верувајќи во слободата, правдата и достоинството. Пред повеќе од осум децении, нашите предци – храбрите партизани од Народноослободителната борба, со срце полно љубов кон родната земја и со неуморна верба дека Македонија заслужува слободна иднина, ја заокружија вековната борба на македонскиот народ за своја држава“, рече градоначалникот, додавајќи дека слободата која ја уживаме денес е резултат на жртва која заслужува длабока почит.
Тој посочи дека денешната борба е различна – таа не се води со оружје, туку со збор, со избор и со одговорност.
„Денешниот непријател можеби не е облечен во униформа, но се крие во обидите за бришење на историска вистина, манипулација со идентитет или заборав на жртвите“, нагласи Стојкоски.
Да ја чувате Македонија, додаде, не значи само да ја сакате, туку и да се борите за вистината, за правдата, за чесноста, за достоинството – вредности кои не застаруваат и кои се темел на секое здраво општество.
Во духот на наследството од НОБ, Стојкоски повика на пренесување на пораките за слобода и храброст на младите генерации.
Македонија
Јаневска: Со квалитетни идеи и повеќе партнери на образовните установи, дополнително ја стимулираме еколошката одговорност кај младите

„Образовниот систем ги насочува младите да се грижат за средината во која живеат. Наставните програми во сите одделенија содржат елементи кои ја подигнуваат свеста за ризиците од загадувањето и поттикнуваат превентивно делување. Но, со повеќе партнери на институциите и на образовните установи, и добри иницијативи што лесно се препознаваат, еколошката едукација може постојано да се унапредува“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на отпочнувањето на годишната национална кампања за собирање отпад „Генералка викенд 2025“ на Скопскиот аквадукт, организирана од Мен Енд Маунтен во соработка со повеќе партнерски компании и граѓански здруженија, а која е поддржана и од Министерството за образование и наука.
„Задоволство ми е што како министерство, неодамна со Мен Енд Маунтен потпишавме меморандум за соработка за да ја поддржиме оваа масовна еколошка акција и во комуникација со училиштата да вклучиме што поголем број основци и средношколци. Ова е придонес кон градење на еколошки одговорни генерации“, рече Јаневска.
Додаде дека младите се иднината на државата и мораме од најмала возраст да ги поттикнуваме на одговорност кон околината, за како што рече, да им ги намалиме можните предизвици и ризици со кои во иднина би се соочувале, а тоа е загадениот воздух, загадената почва, вода и слично, кои влијаат на човечкото здравје.
На означувањето на стартот на еколошката акција присуствуваше и претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, амбасадори и претставници на повеќе компании и здруженија кои ја поддржуваат акцијата.
Македонија
Во Битола одбележан 9 мај – Денот на Европа и Денот на победа над фашизмот

Во Битола денес се одбележува значаен историски датум со две големи значења – Денот на победата над фашизмот, како победа над разидувањето на народите и Денот на Европа, како симбол на здружување на народите.
По тој повод, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, делегација од Советот на општина Битола предводена од претседателката Габриела Илиевска, претставници на Сојузот на борци и претставници на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ, положија свежо цвеќе на споменикот на НОАВМ на плоштадот „Гоце Делчев”.
Градоначалникот Коњановски, уште еднаш го истакна значењето на овој голем ден како незаборав за минатото, но и како видлива европска иднина на нашата држава.
9 Мај во Битола се одбележува со повеќе културни и историски настани.