Македонија
(Видео) Спасовски: Полицајците приватно биле во Шуто Оризари по претходна дојава по „Фејсбук“
Работиме на целосно расчистување на синоќешниот настан во општина Шуто Оризари, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Повредени се двајца полициски службеници кои во тој момент не биле на работа, туку приватно биле во Шуто Оризари по претходна дојава дека се случуваат наводни киндапирања на деца во општината. Дојавата ја добиле по ’Фејсбук’, а досега нема пријава за таков настан“, изјави министерот за внатрешни работи.
Вчера на улицата Индира Ганди биле нападнати полициски службеници кои не биле на должност. Тие со возило пристигнале и биле претепани од страна на жителите во населбата.
„Инцидентот се случил кога малолетничка, наводно, видела дека непознати лица насилно внеле женско лице во комбе, но не знаела за кого станува збор. Тоа му го кажала на возрасен маж, кој пријавил во полиција. Се собрала поголема група граѓани и во тој момент наишло возило во кое имало три лица, од кои двајца полициски службеници од Полициската станица Чаир, кои не биле на работа. Насобраните ги нападнале лицата што биле во возилото и тие се пренесени во болница за укажување лекарска помош“, соопшти МВР вчера.
Со полициските службеници што не биле на работа во возилото имало уште едно лице на 39-годишна возраст. Двајца од нив добиле тешки телесни повреди и биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“ и комплексот клиники „Мајка Тереза“. Трите лица се од Долно Блаце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

