Македонија
(Видео) Спасовски: Поради пандемијата, интервјуата со барателите на азил се спроведуваат онлајн

Со цел усогласување на нашето законодавство со регулативата на Европската Унија, во 2018 година влезе во сила новиот Закон за меѓународна и привремена заштита – во голем дел е усогласен со Директивите на Европскиот Совет и Парламент, а потоа и поголем број потзаконски акти. Земјата е договорна страна на сите клучни меѓународни инструменти на УНХЦР“, потенцираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој онлајн се обрати на 71. сесија на Извршниот комитет на УНХЦР.
Во однос на Глобалниот пакт за бегалци и Глобалниот договор за миграција, министерот акцентираше дека дадовме силна поддршка и заложби и дека остануваме посветени на нивно понатамошно имплементирање и унапредување.
„Во услови на глобалната пандемија со Ковид-19, нашето Министерство започна да спроведува интервјуа со барателите на азил преку онлајн платформа, притоа бевме меѓу првите во регионот, со почитување на препораките на Европската комисија и на здравствените власти и прописи, при што, сепак се обезбеди почитување на законските рокови и пред сè се зачува здравјето и на барателите на азил и на нашите службеници“, истакна министерот Спасовски.
Министерот го потврди ефикасното управување со миграцијата, раното откривање и спречување на илегалните движења по должина на „западно-балканската рута“ како приоритет за министерството со фокус на намалување на заканите по граничната безбедност и во функција на намалување на ризикот по животот и здравјето и истакна дека за одбележување е дека во Прифатниот центар за странци кој е во надлежност на Министерството досега не се регистрирани позитивни случаи на Ковид-19.
„Минатите години потврдија дека успешното справување со транснационалните закани е можно доколку и одговорот биде таков – транснационален и координиран. Меѓународно-правните инструменти на УНХЦР, а во последно време Глобалните пактови за бегалците и миграциите можат да бидат суштински за инспирирање на меѓународната заедница, за иновативни решенија при глобалното управување со миграцијата, ублажување на причините, за справување со трговијата со луѓе, организираниот криминал и можат да придонесат за спасување животи“, истакна министерот Спасовски.
Министерот на крај уште еднаш ги истакна добрата координација и соработка, размената на информации и споделената одговорност меѓу различните чинители како суштински во решавањето на актуелните глобални предизвици и ја потенцираше посветеноста на овие принципи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.