Македонија
(Видео) Стоилковски: Ако се било фиктивно, од кого и за што Лукаревска ќе наплаќа данок, освен ако не се тоа парите дадени за поврат на ДДВ?
„Со исплата кон две фирми од УЈП буџетот е посиромашен за над 22 милиони евра, исплатени како поврат на ДДВ, а се работи за криминал. Залудни се обидите на Сања Лукаревска да демантира доколку не одговори: По кој основ фирмите Актико/Окитна од Струмица и Хантонос/Хант Осој од Босилово се на листата на должници на УЈП“, прашува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако Сања Лукаревска е во право и се било фиктивно, а овие побарувања за поврат на ДДВ не се платени, по која основа на фиктивно сега им бара данок? И второ, ако фирма упати барање за поврат на ДДВ од 11 односно над 12 милиони евра, УЈП утврди дека барањето е фиктивно како што вели Сања Лукаревска, односно било лажно барањето, тогаш дали од УЈП и од Сања Лукаревска бил спакуван предмет за МВР и ЈО?
Или едноставно доаѓаме до фактот: повратот е овозможен, сега УЈП сфаќа дека влетал во мрежа и си ги бара парите назад дадени за поврат на ДДВ. Ова не се „гачки“ како што велат Лукаревска и како што велат од СДС, ова се сериозни прашања за сериозен криминал за којшто мода да има одговорност. Ако се било фиктивно, од кого и за што Лукаревска ќе наплаќа данок, освен ако не се тоа парите овозможени и дадени за поврат на ДДВ?
Ова се двата документи од УЈП. Записници од надворешна контрола, направена кога Лукаревска сфаќа дека УЈП исплатило над 22 милиони евра поврат на ДДВ, а не постојат деловни книги, фирмите ја враќаат поштата, а МВР им кажува дека газдите од Косово или не постојат или воопшто не влегле во Македонија. Нема овластено лице, нема ништо.
И пак ќе повторам, и ова важи и за оние фирми за трговија со нафта за кои што се пофали Лукаревска, ако се е фиктивно и ако не постои, ако нема деловни книги за увид, по кој основ бара наплата на данок? Како проценила Лукаревска дека Актико и Хантонос треба да платат 11, односно 12,2 милиони евра? Според документите, тоа се поклопува со парите коишто биле побарувани за поврат на ДДВ, а во документите пишува дека со увид во книгите на УЈП и поднесените пријави, констатирано е дека фирмата (даночниот обврзник) користел право на одбивка на данок. Ако ги фатила на време, зошто контрола на овие компании се прави во октомври 2023, по цели година ипол отпосле?
Фирмата Актико е основана во Струмица од семејство кое во 2020 беше дел од шема со поврат на ДДВ. По само две години, за три месеци работа, фирма со основачки влог 5000 евра, побарува и добива 11 милиони евра поврат за трговија од над 50 милиони евра. Фирмата Хантонос од Босилово, иста приказна, само повратот на данок е поголем, 12,2 милиони евра. Зарем тоа не бил доволен аларм? Што правеле во струмичката канцеларија на УЈП? Зошто не е направена контрола, квартална, токму да се фатат на време овие исплати? Што правела Сања Лукаревска ако одеднаш на само две нови фирми и се одобруваат 11, односно 12 милиони евра поврат на ДДВ?
Одиме понатаму. Фирмите со толкав обрт, наводен како што вели Сања Лукаревска се продаваат по само 8 односно 10 месеци. И тоа на лица од Косово, коишто сега е јасно дека не постојат односно не влегле во Македонија.
И повторно ќе прашам, дали Сања Лукаревска, доколку фатила и спречила на време криминален обид за поврат на ДДВ, дали тоа го пријавила до ОЈО или до МВР?
Дали до ОЈО е пријавен можеби случај дека Хантонос користел даночно олеснување за увезена стока, која воопшто не е регистрирана на Царина?
Ова е тежок криминал. Духовитоста на Сања Лукаревска не и прилега кога станува збор за најмалку 22 милиони евра, туку потребни се сериозни одговори. Ова е сериозен организиран криминал. Продадените фирми се на лица коишто воопшто не влегле во Македонија. Па како тогаш е направена продажбата преку нотарски? Како Централен регистар направил промена? Како е отворена сметка? Кој го води сметководството на овие компании? Како е возможно да има фактури до УЈП за увоз на 50 милиони евра стока, а да нема за тоа податоци на Царина?
Оттука го повикувам ОЈО за сериозна истрага и отворање на предмет. Несериозноста во 2020 година за исплатените 5 милиони евра по криминален поврат на ДДВ, сега доведе до шема со најмалку 22 милиони евра од две фирми, чиишто презимиња сега се повторуваат“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

