Македонија
(Видео) Стоилковски: Обвинителството да почне истрага за злоупотреби на буџет во партиски цели на СДСМ

Од тука, пред Републичко Јавно Обвинителство го потсетуваме републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески дека и според функцијата и според дадената заклетва Е ДОЛЖЕН да ги надмине моментите на лично познанство и лична соработка со Темелко Ристески и Е ДОЛЖЕН да отвори сериозна и опсежна истрага за злоупотреба на Буџетот и за злоупотреба на МО во партиски и изборни цели, изјави на денешната прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека фактот дека Јовески и Ристески се соработници во Комисијата за помилување осудени и затворени лица, не го менува фактот дека е направена злоупотреба од МО, злоупотреба на Буџетот, а доколку ЈО не покрене истрага, можна е и злоупотреба на ЈО коешто со непокренување на истрага станува соучесник во делото.
Стоилковски истакна дека Темелко Ристески ја признал автентичноста на Извештајот за извршени задачи во кои наведува партиска агитација и партиска активност во предизборие во корист на коалиција предводена од СДСМ! Тоа е уште еден огромен срам предизвикан од СДСМ и за МО и за државата!
Активностите на Темелко Ристески се платени со над половина милион денари, 580 илјади денари за тоа што го навел во извештајот!
Јовески мора да се издигне над состојбата и да престане со молкот додека Македонија тоне во криминал, корупција и партизација. Постојат сериозни индиции дека Темелко Ристевски не е единствен случај во МО, како и индиции дека вакви злоупотреби се правени и во други министерства и владини институции. Впрочем ова се надоврзува на истрагата за Авторските договори и генералните секретари на владата, како и фактот за над 30 илјади вработувања во администрацијата предводена од СДСМ/ДУИ.
Премногу е! Македонија не може вака да продолжи. Потребна е одговорност и таа ќе ја има!, изјави Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
И денес тензично на Комисијата за европски прашања, потпретседателката не дозволи процедурални обраќања

Пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ побара процедурални обраќања, а не амандманска расправа за измените на Законот за работни односи. Таа го зема статичниот уред со микрофон и стана пред потпретседателката на Комисијата за европски прашања, за да говори.
„ Јас овде стојам бидејќи некој си поигрува со мојата приватност и моето право да седам од столче и да говорам. А не ми е овозможено, бидејќи треба постојано тука да трчам за да ја спречам заменик претседателката, професорка по право, овде да го силува правото и демократијата, да чита членови кои се однесуваат на пленарна седница“, кажа Дафина Стојановска.
Таа одби да седне на место се додека не се дозволи измена и дополнување на дневниот ред.
„ Да не гледам и да заминам? Тоа е вашата желба? За да помине овој криминален закон. Засрамете се. Нека гледаат студентите, кои ги осакатувате“, рече Стојановска.
Потпретседателката Арта Биљали-Зендели ја замоли пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ да седне на место.
„ Ве молам, ве молам!“, рече Биљали-Зендели, а Стојановска и врати: „ Немојте да ме молите, помина вашето време за молење“.
Потпреседателката по само 20 минути, даде пауза на Комисијата.
Македонија
Силјановска-Давкова: И за лаик е јасно законот кој доведе до тепачка не може да одредува пензионирање на судии и обвинители

Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека не и е јасно како на дел од судиите и обвинителите им се продолжени мандатите до 31 месецов, кога Судскиот совет и Советот на јавни обвинители немаат таква надлежност.
Таа смета дека не може со измени на Законот за работни односи да се даде можност судиите и обвинителите да ја обавуваат должноста до 67 години како останатите граѓани.
Според неа, во Законот за работни односи јасно стои дека пензионирање на 62 односно 64 години важи за сите, освен ако со друг закон, не е поинаку предвидено.
Во конкретниот случај, Законот за судии и јавни обвинители кој се носи со 2/3 мнозинство.
„ Судскиот совет не може да одлучува за одлагање на пензионирањето и единствениот закон кој може оваа материја да ја регулира е Законот за судии и јавни обвинители. Овде и за лаик е јасно дека има неуставност. Цел е спротивен на Уставот бидејќи утврдува дека Советот на јавни обвинители односно Судскиот совет може да продолжи некој мандат. Да, на Универзитетот може, бидејќи ректорот не вработува. Но Судскиот совет нема таква надлежност. Затоа сакавме овој закон да оди по редовна постапка. Надлежен за ваквиот закон е Министерството за правда, а не Министерството за труд и социјална политика“ – посочи Силјановска-Давкова.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери требало да го врати законот и не смеел да оди со европско знаменце.
„ Предлогот законот е усогласен со препораките на оценската мисија за судска обука со основните начела на ОН, со европската повелба на статусот на судиите и европската конвенција за човекови права. Извинете, ниту еден од овие документи не е извор на европското право, ниту е регулатива“, кажа пратеничката.
Според неа, трката да се донесе побрзо законот е бидејќи на судии и обвинители им е продолжен мандатот до крајот на овој месец, а ако не се донесе, тие ќе треба да се пензионираат.
Македонија
Костовски за Адеми: За осуда е, недозволиво е такво однесување

Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ кажа дека ВМРО-ДПМНЕ се виновни за вчерашната тепачка, дека ја испровоцирале и дека штитат криминал. За парламентарното мнозинство, кажа само пофални зборови и додаде: „ Ние нема да дозволиме со Собранието да завладее хаос“.
Костовски упати и порака до опозицијата велејќи: „ Бадијала прават тензии, одговорност за криминалот ќе има“.
За фрлањето на тврди предмети кон пратениците од страна на Арбер Адеми, пратеникот на СДСМ вели: „ Ние сме сведоци на не така славна историја на законодавниот дом. За осуда е, недозовлено е однесувањето на било кој пратеник, дали е пратеник кој учествува во работа на комисијата, дали е претседател на комисијата. Пратениците мора да бидат на висина на задачата која ја спроведуваат. Но пред се, опозицијата мора да сфати дека мора да работи во интерес на граѓаните. Да не опструира и провоцира. Не знам што можат да добијат вака. Ова оди на штета на граѓаните“.
„ Јавноста може да види кој навистина прави тензии и конфликти во Комисијата за европски прашања. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со навреди, дрско и безобразно однесување не дозволуваат ниту да започне работата на Комисијата. Тоа е доказ дека тие се виновниците кои го предизвикаа и вчерашниот инцидент. Секогаш кога овде во Собранието се расправа за закони од правосудството, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се нервозни, деструктивни, прваат тензии, ги малтретираат собраниските служби и пратениците, а често се обидуваат да испровоцираат и физички пресметки. На јавноста и е јасно дека во Собранието нема жестоки кавги меѓу пратениците на власта и опозицијата, туку обид за тензии со цел пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по налог на Мицкоски да го одбранат криминалот“, кажа Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Прашан зошто не дозволиле да се измени дневниот ред, Костовски рече: „ Ова е обид се со цел, дали на судиите кои треба да им биде продолжен работниот век се вклучени во осуда, во ефективни казни на криминалците од режимот на ВМРО-ДПМНЕ“.
Тој додаде и: „Интенцијата на мнозинството СДСМ-ДУИ е со цел граѓаните да имаат подобра правна заштита“.