Македонија
(Видео) Стојаноска: Директорката на Хематологија не може да одлучи дали има или нема лекови
Зоран Заев и Венко Филипче донесоа живот за себе и за бизнис партнерите на владата, а опасност и нервози за пациентите на Хематологија и нивните семејства кои се плашат како ќе го дочекаат секој следен ден без соодветна терапија. Додека пациентите на Клиниката за хематологија чекаат лек од кој им зависи животот, директорката на Клиниката, Ирина Пановска-Ставридис не може да одлучи дали ги има или не лековите, изјави Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Пановска-Ставридис вели дека ниту еден пациент не е оставен без лек, но исто така вели и дека не е страшно ако не земеле лек неколку дена, зашто во понеделник веќе ќе ги имало. Од оваа ситуација јасно се гледа дека миленичката на Заев и Филипче или си поигрува со животите на пациентите, или само се интересира за тендерите за кои се најде на дневен ред и на Антикорупциската комисија“, рече таа.
Стојаноска вели дека и колегите на директорката се чуделе како ниту една надлежна институција, министерство за здравство, Фонд за здравствено осигурување, министерство за внатрешни работи, јавно обвинителство, не ги гледаат корупцијата и конфликтот на интереси..
„Сето ова е фактичка состојба. Оваа ситуација трае од првиот нејзин работен ден како директор на Хематологија. Ниту министерот за здравство Филипче, ниту премиерот Заев веќе две години не сакаат да стават крај на личните и семејни врски во здравството. Филипче и Заев како да работат само на продлабочување на релацијата ќерка – носител на јавна функција и татко – сопственик на веледрогеријата „Д-р Пановски“. Оваа веледрогерија е континуирано дел од тендерските постапки и снабдувач на клиниките, меѓу кои и Клиниката за хематологија со која директорува неговата ќерка Пановска-Ставридис. Филипче треба веднаш да стави крај на оваа релација ќерка директор-татко снабдувач. Треба да стави крај на нејзиното директорување. А, поради низата скандали во здравството треба да замине и Филипче од функцијата министер“, рече Стојаноска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

