Македонија
(Видео) Таравари: Оптимист сум за уставните измени, нема потреба за предвремени парламентарни избори

Алијансата на Албанците на Арбен Таравари денеска во Тетово одржува вонреден конгрес под мотото „Промената продолжува“. Партискиот лидер Таравари вели дека конгресoт следува поради потребата од консолидирање на партиските ограноци.
„Алијанса за Албанците по изборите на 8 мај имаше случувањата внатре во партијата. Имавме приклучување на многу нови луѓе. Сега ни требаше консолидација на сите ограноци и подограноци. И денес, Собранието на партијата ќе биде консолидирано дефинитивно. Ќе донесеме нови политики на партијата коишто ќе бидат со една декларација денеска донесени заеднички од конгресот на партија“, кажа тој пред почетокот на Конгресот.
Таравари околу поделбата на партијата и во исчекување на правната разврска, пред почетокот на Конгресот рече дека очекува судска одлука во корист на членовите кои се мнозинство.
„Судскиот процес тече, апелација донесе одлука во којашто првичната одлука под притисок што беше пред избори на судот во Тетово се одбива. Се надевам дека ќе има одлука како што треба, партијата да им припаѓа на тие коишто се членови, кај што се мнозинството“, изјави Таравари.
Околу прашањето за предвремени парламентарни избори, Таравари вели дека нема проблем да има избори, но не гледа потреба за вонреден термин.
„Генерално нема никаков проблем за избори, меѓутоа знаете дека избори имавме пред 4, 5 месеци. Нема логика повторно да имаме, меѓутоа ако имаме широк консензус меѓу сите партии дека ни требаат избори, нема никаков проблем и ако не гледам потреба повторно, ние сигурно ќе имаме избори 2025 година. Меѓутоа локални избори тоа се избори во коишто ќе видиме кој како стои и каде стои“, одговори Таравари нагласувајќи дека на конгресот нема да се разговара за предвремени избори.
На новинарско прашање дали ќе има уставни измени, Таравари рече дека е оптимист дека ќе се најде некое решение да се случат промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.