Македонија
(Видео) Трајановски го критикува Шилегов: Ветувањата за чист воздух се покажаа како голо политиканство

Две години не сакав да коментирам ништо од работењето на Шилегов за да не бидам сфатен погрешно и да не се даде каква било политичка конотација на коментарите, рече на прес-конференција поранешниот градоначалник и член на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, кој оцени дека на половина од мандатот на Шилегов, Скопје е град во кој хигиената е на многу ниско ниво.
„Отпадот е расфрлан околу контејнерите и на мали депонии, гледаме голема негрижа кон зеленилото, воздухот магично не се исчисти како што ветуваа, а градежните проекти речиси и да ги нема“, додаде тој.
Според Трајановски, центарот на градот е како 2 години никој да не пипнал ништо, од чистење па сè до уличните кучиња, кои, како што рече, никој повеќе не ги третира.
„За кучињата, според мои информации, Град Скопје и КХС им плаќаат големи суми на граѓаните каснати од кучиња. Се формира и ново ЈП ‘Лајка’, кое, освен за вработување партиски и ‘шарени’ послушници, не видовме дека воопшто работи нешто. Програмата ‘Залови – стерилизирај и врати’ веројатно и не постои. Требаше веднаш да се прошири, модернизира и доопреми ‘Вардариште’. А НВО не може да биде решение за толку крупна работа за Град Скопје“, смета поранешниот градоначалник.
Трајановски особено се задржа на загадувањето во главниот град и посочи дека од ветените 39 мерки, за овие 2 години завршена е само една.
„Воздухот не се исчисти магично, напротив, само се покажа голото политиканство на сегашните политичари, кои тогаш од позиција на опозиција ветуваа сè и сешто само за да дојдат на власт. Не работат мерните станици, овие 2 години во одреден период станавме најзагаден град во светот. Иако грејната сезона само што почна“, нагласи тој.
Трајановски додаде дека велосипедски патеки не се градат, со исклучок на неколку конекторски патеки.
„Здруженијата за слободен велосипедски сообраќај веќе не ни потсетуваат или бараат каде се велопатеките од планот за Скопје-велоград, кој беше направен додека јас бев градоначалник. Напротив, беше претставен истиот план само со одложен рок за две години. Нема ниту венци или протести пред Град Скопје за прегазени велосипедисти“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, на градежен план во Скопје во последните две години речиси ништо не се сработило.
„Имаше реконструкција на неколку булевари, која беше претставена како врвно градежно достигнување иако на истите тие булевари не беа сменети ниту рабниците. А всушност е само гребење и асфалтирање. Сметам дека ова се направи по изгубените претседателски избори во Скопје и во пресрет на следните парламентарни избори“, изјави Трајановски во своето обраќање и додаде дека од големите градежни ветувања, како Големиот ринг околу Скопје, со булеварите Црногорска, Словенечка, Хрватска, нема ни трага ни глас.
„Сметам дека овие две години се изгубени за Скопје. Се најавуваат нови проекти, но сметам дека тоа е во функција на предизборната кампања со цел да ја поправат лошата слика и да добијат повеќе гласови“, изјави поранешниот градоначалник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.