Македонија
(Видео) Фатен стружанец со 200 килограми марихуана, бегајќи удрил во три полициски возила
Македонската полиција пресече меѓународен канал за трговија со дрога, пришто запленети се околу 200 килограми марихуана, а приведени две лица.
Акцијата била спроведена вчера. Станува збор за мрежа за транспорт на марихуана од Република Албанија во Република Северна Македонија, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
„По претходно преземени мерки кон Ш.А. (23) од селото Ливада, Струга, кој од претходно и е познат на полицијата како транспортер на дрога и кој бил задолжен да ја презема дрогата од Албанија и потоа да ја транспортира до различни места во државата, вчера околу 13 часот, на патот кон село Манастирец, Кавадарци полициски службеници дале знак за запирање на возило „ауди а6“ со струшки регистерски ознаки, управувано од Ш.А. (23), но тој не застанал и се дал во бегство, при што оштетил три полициски возила, а било употребено и огнено оружје, по што Ш.А. бил фатен и лишен од слобода“, рече Ангеловски.
При преглед во возилото биле пронајдени седум големи торбици во кои биле сместени 180 полиетиленски пакувања со различна форма во кои имало марихуана.
„Со дополнително преземени активности во врска со овој случај, на бензинска пумпа на магистралниот пат Росоман -Прилеп е лишен од слобода и Н. А. (41) од село Зајас, Кичево, кај кого е пронајден и пиштол „Парабелиум“ 9 мм, без дозвола. По претходна издадена наредба за претрес во дом од страна на Судија на претходна постапка од Основен суд Кичево бил извршен претрес во домот на Н.А., при што бил пронајден уште еден пиштол марка „ТТ“ со 32 куршуми калибар 7.62 мм . Приведените во текот на денот ќе бидат предадени на надлежното обвинителство со соодветна кривична пријава“, соопшти Ангеловски.
Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивните мерки и активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

