Македонија
(Видео) Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја

Новиот Централен одбор на СДСМ е сочинет од поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани. Тој ќе биде одраз на новата енергија што ќе ја внесеме во партија.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во своето обраќање пред присутните на 30-от Конгрес на партијата што се одржува денеска. Филипче потенцираше дека Централниот одбор е одраз на гласот на членовите, месните одбори и општинските организации.
„Моја цел е да создадеме систем во кој кадровскиот потенцијал со кој располагаме, биде распореден исклучиво по својата стручност и компетентност, а не заради блискоста и личните релации со партиското раководство. Принципот е секој да биде искористен таму каде може максимално да придонесе за исполнување на целите на СДСМ“, истакна Филипче.
Според претседателот на СДСМ, само на овој начин, со реформирана партија може да се работи на реформа и во државата, бидејќи довербата се гради со дела, а не со празни зборови.
„Обновата започнува од нас“, потенцираше Филипче и додаде дека новото раководство на СДСМ мора да биде пример за посветеност и почитување и секојдневно да се потсетува дека постои за граѓаните, а не обратно.
Филипче во својот говор истакна дека пратениците, како најистурената борбена единица на СДСМ, ќе бидат по функција дел од Централниот одбор и нивното непроценливо политичко искуство ќе биде од максимална полза во сите процеси.
Претседателот на СДСМ се осврна и на критиките за бавниот избор на новото раководство и истакна дека состојбата во која се наоѓа партијата налагала внимателно бирање на вистинските луѓе.
„Ова се луѓе кои имаат поддршка од членовите и кои може да ги обединат сите од локално ниво па нагоре. Процес кој јас го сметав за инклузивен, со многу разговори, со многу дипломатија и почитување на мислењето на секој. Само низ ваков процес верувам дека можевме да избереме луѓе од доверба на членовите кои ќе ги претставуваат нивните интереси“, рече Филипче.
Партијата, додаде Филипче, ќе биде отворена за сите кои се блиски до социјалдемократската идеологија, што била подзаборавена. Солидарноста, како една од клучните социјалдемократски вредности, мора повторно да биде главната водилка на партијата, рече Филипче и порача:
„Со моето доаѓање на чело на партијата сакам едно јасно да порачам. Секој кој ќе биде дел од партијата и од раководните структури е поставен на таа позиција да им служи на граѓаните и на членовите на СДСМ. Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја. Додека сум јас претседател, тоа нема да го дозволам затоа што тоа ја уништува сржта на нашето постоење“.
Во таа насока, Филипче потенцираше дека со посветена работа, новото раководство ќе покаже дека лошите навики можат да бидат искоренети, суетите и предрасудите надминати и дека колективното добро ќе биде секогаш над личните интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.