Македонија
(Видео) Филипче: Кичево за две години ќе добие модерна болница
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска ја посетија Општата болница во Кичево, како и болницата која е во изградба на 100 метри од Општата болница.
„Во овој момент сме пред оваа зграда, која 30 години стои како карабина, две години интензивно работевме на расчистување на проектната документација и други проблеми што ги затекнавме и конечно со одлука на Владата се официјализираше решението да продолжи со градба втората фаза, со што Кичево ќе добие модерна болница, каква што граѓаните и пациентите од овој цел регион навистина заслужуваат. Градбата на втората фаза би требало да трае околу две години, што значи дека за две години сè ќе биде завршено и соодветно опремено за Кичево навистина да добие здравствена услуга, здравствена заштита каква што треба“, посочи министерот.
Филипче истакна дека во старата болница, која сè уште функционира, е донесена медицинска опрема којашто значајно го зголемила квалитетот на здравствената услуга за граѓаните.
Тој потенцираше дека огромен број луѓе се примени во болницата во Кичево во изминатите две и пол години, преку 40, од кои шест се доктори и над 20 медицински сестри.
„Во овој момент во Кичево нема невработен доктор на медицина, што мислам дека е одличен резултат на оваа политика на инвестиција во млади лекари и медицински сестри, со цел да не заминуваат од земјава, туку иднината да ја бараат тука. Имајќи ги предвид и другите мерки кои како министерство ги имплементиравме во изминатите повеќе од две години, тоа е платениот стаж во период од шест месеци за младите лекари, во рамки на здравствените домови. Сметам дека тоа е политика што дава резултат. Нема јавна здравствена установа што не го зголеми капацитетот за најмалку 15 проценти, што значи дека се вработени огромен број лекари и медицински сестри“, истакна министерот.
Исто така, во однос на справувањето со вирусот Ковид-19, министерот Филипче информираше дека во болницата во Кичево има одлична организација, има посебен дел за тријажа и мини амбуланта, а дел од кадарот сè уште е во системот за ротација, за помош на колегите во Инфективната клиника во Скопје и во ГОБ „8 Септември“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

