Македонија
(Видео) Хуманитарна акција во Гази Баба, собрани се 1.645 килограми храна за социјално ранливите категории
Успешно заврши едномесечната најголема хуманитарна акција „Месец на хуманост – Гази Баба се грижи” која ја спроведе општина Гази Баба. Благодарение на сите хумани луѓе, вработените во општината, општествено одговорните компании, кинеската амбасада, сите граѓани кои се вклучија, организации, министри, градоначалници, пратеници, децата од основните училишта заедно со нивните наставници и родители, директори на училиштата и градинките, медиумите успеавме да собереме 1.645 килограми прехранбени производи, 356 килограми хигиенски средства, 190 килограми облека, 115 пакети пелени, како и детски играчки, постелнина, училиштен прибор, мебел и апарати за домаќинство.
„Организациите Ајде Македонија, Вистински дела на љубезност, Црвен крст – Гази Баба, Копче, Ретвитни oброк, Лице в лице, Пакомак, Суниленс, Нула отпад и Шепасти ентузијасти, кои партнерски работеа со нас, сите резерви веднаш ги дистрибуираа онаму каде што се најпотребни.

Среќен сум што мојата идеја ја следеа многумина и што успеав да ја разбудам хуманоста кај луѓето, особено сега во состојба на пандемија и, што е најбитно, што сите заедно ја исполнивме целта. Да обезбедиме што е можно повеќе средства за зимата за лицата од социјално ранливите категории, што помогнавме на лицата кои сите ги забораваат.

Гази Баба уште еднаш покажа дека е хумана општина која мисли на своите граѓани. Уште еднаш им се заблагодарувам на сите кои на свој начин помогнаа во хуманитарната акција „Месец на хуманост – Гази Баба се грижи” и што заедно покажавме дека сме општина и општество кои мислат на своите сограѓани, на своите блиски. Би сакал оваа акција да се организира секоја есен и со нашето малку, да обезбедиме некому многу во зимските денови, а пример да биде и за другите општини со што би овозможиле достојни услови за што повеќе лица од социјално ранливите категории“, изјави градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

