Македонија
(Видео) Шекеринска: Нашата генерација ја запиша својата прва историска победа, од денес ние сме НАТО
Денеска, нашата генерација ја запиша својата прва историска победа, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, по повод формалното пристапување на земјата во НАТО.
Таа рече дека со денешниот финален чин на депонирање на Северноатлантскиот договор во Стејт департментот во Вашингтон станавме полноправна официјална 30-та земја членка на најмоќниот военополитички сојуз на денешнината.
„Влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниот ден го чекавме речиси 30 години. Нека ни е честито“, порача Шекеринска во обраќањето по повод формалното зачленување на Република Северна Македонија во НАТО.
Министерката додаде дека иако велеле дека не можеме да ги решиме проблемите со соседите или е невозможно да се врати демократскиот капацитет во земјата, проблемите се решени, а демократијата е вратена.
„Велеа, немаме Армија за НАТО. Ја направивме. Го вративме достоинството на Армијата, покажавме посветена грижа на државата кон припадниците на Армијата, и тоа сега е НАТО-армија. Тоа е Армијата што сега им возвраќа и на државата и на сите свои граѓани во првите редови на фронтот против опасноста што ѝ се заканува на целиот свет – коронавирусот. Тоа е Армијата што секогаш кога им е потребна на граѓаните, ќе застане пред нив во заштита“, рече министерката.
Шекеринска нагласи дека членството во НАТО не е подарок, туку е заслужено благодарение на тешките реформи, но и со видливи резултати.
„Армијата на Република Северна Македонија сега е НАТО-армија. Заедно се гордееме на нашиот успех. Беше чест и привилегија да се биде дел од тимот, дел од генерацијата што го отвори патот за следните генерации, патот на успех, патот на безбедност, патот на просперитет. Честитки до сите граѓани, честитки до Армијата, но честитки и до нашите сојузници и до НАТО. Овој предизвик е победен. Не можеме, за жал, да ја прославиме таа победа како што заслужува бидејќи сме во нова, сериозна битка со еден сосема поинаков непријател. Но, секој следен 27 март ќе го славиме денешниот ден, денот кога покажавме дека знаеме што сакаме и дека го реализираме тоа што го сакаме. Од денеска вртиме нова страница и отвораме ново поглавје. Нека ни е среќно и исполнето со многу успеси. Зборот е збор, а од денес ние сме НАТО“, рече Шекеринска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

