Македонија
(Видео) Шилегов: Пожарникарите се гордост на Скопје, наскоро ќе добијат најсовремена противпожарна скала
Во кругот на Противпожарната станица во скопската населба Автокоманда свечено беше одбележан Денот на пожарникарите – 20 Мај.
Командантот на противпожарната бригада, Владимир Симоновски, пред построените пожарникари му поднесе рапорт на градоначалникот Петре Шилегов.
Скопскиот градоначалник соопшти дека свеченоста трае кратко поради безбедносните протоколи.
„Откако е дојдена новата администрација зголемен е бројот за нови 38 пожарникари. Веќе две години во рамките на Противпожарната бригада целосно се обновени и униформите и специјалните обувки. Кога зборуваме за униформа не мислам на оваа која можевте да ја видите на смотрата, зборуваме за униформа којашто во целост ги заштитува пожарникарите, која оди заедно со заштитна боца со кислород, односно зборуваме за над 100 таков тип униформи, зборуваме за униформи што се носат при опасности предизвикани од шумски пожари, опасности предизвикани од хемикалии и таков тип на потенцијални несреќи“, посочи скопскиот градоначалник.
Тој истакна дека современата противпожарна скала би требало да пристигне во Скопје до 10 јуни.

„Тогаш ќе го демонстрираме потенцијалот на таа скала, како и на дополнителната опрема што е набавена со неа“, изјави Шилегов.
Тој додаде дека пожарникарите се херои на главниот град и дека токму поради тоа се надминати нивните децениски проблеми, зголемени им се платите и редовно им се исплаќаат сите додатоци и хранарината.

„Со сите овие чекори Градот Скопје го зголемува капацитетот на бригадата, а истовремено се доближува и до исполнување на европските стандарди согласно со кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1.500 жители“, кажа Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

