Македонија
(Видео) Шкријељ: СОНК да ги напушти уцените, децата да се вратат на училиште
Интересот на децата и нивниот образовен процес треба на сите да ни бидат на прво место. Ново губење часови, откако изминатите две години наставата се одвиваше во отежнати услови поради пандемијата е на штета на децата. Особено голема штета може да им биде нанесена на илјадници матуранти, бидејќи се поблиску се роковите за полагање матура и завршен испит.Апели за децата да се вратат во наставните клупи со право пристигнаа и од УНИЦЕФ и од Народниот правобранител, изјави на денешната прес-конференција, Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
Таа додаде дека правото на образование е загарантирано со Уставот, исто како и правото на штрајк, но штрајкот не смее да биде на штета на децата, а учениците и нивните родители да се држат во неизвесност.
Неопходно е раководството на СОНК да го прекине штрајкот, да овозможи учениците да се вратат на училиште, а своите барања да ги остварува во дијалог со надлежните институции.
Владата веќе понуди конкретно решение, а тоа е зголемување на платите во висина од 10 отсто, односно плати повисоки од 2.500 до 3.000 денари по вработен и тоа во време на криза.
Одбивањето на овој предлог е неконструктивно, прво, затоа што законските рокови за усогласување на платите од 6 месеци се уште не се истечени.
Второ, затоа што токму СДСМ во изминатите 4 години ги зголеми платите во образованието за 21% и токму оваа политичка опција е посветена на покачување на платите во сите сектори.
Шкријељ наведе дека значително се инвестираше во изградба, реконструкција и опремување на училишта и градинки. Се изградија голем број на училишни спортски сали, оваа учебна година опремивме 264 кабинети по природни науки и издвоивме 54 милиони денари за образовни асистенти кои веќе им се на располагање на децата со попреченост.
Да не заборавиме во ниту еден момент дека училиштата се за децата и улогата на сите чинители во тој процес е да обезбедат квалитетно и инклузивно образование за секое дете.
Го повикуваме раководството на СОНК да се врати на дијалогот, не само за покачување на платите, туку и за нов општ договор и нова методологија за постојан раст на платите во образованието и детската заштита.
Платите во образованието ќе се зголемат, ќе има нова методологија за постојан раст на платите, но наставата мора да продолжи, изјави Шкријељ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

