Македонија
(Видео) Шукова: Младински хабови, градски ваучер и нова гимназија Скопје станува град на можности за младите
Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ја претстави својата визија за модерен, инклузивен и младински ориентиран главен град кој нуди вистински можности за раст, развој и иднина.
„Мојата визија за Скопје е град што создава можности, особено за младите,“ истакна Шукова. „Како градоначалник, имам јасен план за младински хабови современи урбани простори каде младите добиваат директен пристап до компании, обуки, ментори и финансиска поддршка за нивните идеи.“
Според Шукова, младинските хабови се еден од клучните приоритети во нејзината програма. По примерот на големите европски метрополи, тие ќе бидат места каде младите ќе можат да развиваат свои идеи, да се вмрежуваат со компании и инвеститори и да стекнуваат практични знаења и искуства.
Во рамки на овие центри ќе биде обезбедено:
• поврзување со компании што бараат нов кадар,
• советување за избор на образование и кариера,
• обуки за дигитални вештини, претприемништво и личен развој,
• финансиска и менторска поддршка за млади претприемачи.
„Овие хабови ќе бидат мост меѓу младите и светот на бизнисот. Ќе помогнеме идеите да станат реалност, а талентот успех,“ нагласи Шукова.
За локации на првите младински центри, предвидени се катната гаража „Беко“, како и просториите во Воената кула кај Нова железничка во Аеродром, кои се во сопственост на Град Скопје.
Во делот на социјалните политики, Шукова најави и нова мерка градскиот ваучер „Скопје за сите“, кој ќе овозможи бесплатен јавен превоз, пристап до ЗОО, музеи, библиотеки и културни активности, како и субвенции за паркинг и спорт. Ваучерот е наменет за младите, семејствата со пониски приходи, пензионерите и лицата со попреченост.
„Со ваучерот ‘Скопје за сите’, ќе создадеме град што се грижи, град што е достапен и топол за сите генерации,“ порача таа.
Во сферата на образованието, нејзината програма предвидува реновирање и современо опремување на училиштата, зголемена поддршка за младински проекти за 300%, како и мрежа на младински центри, нова гимназија во Аеродром, дигитализација на наставата и Фонд за стипендии за спортисти и талентирани ученици.
„Со овие мерки, Скопје создава основа за град што ги задржува младите, отвора квалитетни работни места и вложува во знаење и иднина. Верувам дека кога ќе им дадеме можност на младите да успеат овде сите ќе успееме заедно. Ова е наш град. Овде ни е домот,“ порача Каја Шукова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

