Македонија
(Видео) Шукова: План и решенија за Гази Баба да стане мотор на развој на Скопје

„Оваа општина има огромен потенцијал. Но наместо да биде мотор на развојот, стана илустрација за стагнација“ – порача Каја Шукова од митингот во Гази Баба, каде што ја претстави својата програма за обнова на општината и за трансформација на Скопје.
Шукова најави дека ќе стави крајот на урбанистичкото дивеење и ќе воспостави систем што ги става луѓето во центарот на секоја одлука.
„Знаеме што ви недостасува. Не ни требаат анкети доволно е да прошетаме, да погледнеме околу себе, да ве слушнеме“, рече таа.
Првата голема мерка е поврзана со зелената инфраструктура, нови паркови и зелени зони, не само на цртеж, туку реално, во секоја населба. Централниот проект е обновата на Парк-шумата, која, според Шукова, треба да стане „бели дробови на градот“ со трим патеки, спортски терени, рекреативни зони, детски игралишта и простори за миленици.
Во делот на сообраќајот, ќе се воспостави поврзан, достапен и точен јавен превоз, а во Автокоманда е планирана изградба на катни гаражи со паметни системи, за како што рече „да не се губи време, пари и нерви во барање паркинг“.
Чисти улици, транспарентен систем за управување со отпад, нови контејнери и редовно одржување се дел од „реформите што не се за сликање, туку за вистински функционален град“.
„Гази Баба не смее да се гуши во отпад додека граѓаните плаќаат поскапи сметки и живеат во срамни услови“, предупреди Шукова.
Најчестото прашање што го добива, вели, е: „Што ќе правите со Вардариште?“
Одговорот: целосна трансформација на депонијата во модерен, контролиран и безбеден центар за селекција и рециклажа, без загадување, со ред и одговорност.
Шукова најави и крупни проекти од економски и урбан развој: прв Конгресен центар во Скопје со сали и бизнис капацитети, и нов Саем со 70.000 квадрати, простор за култура, спорт, изложби и настани.
„Тоа значи нови работни места и економија што се движи, не стагнира“, изјави таа.
Во програмата е вклучен и проект за велосипедска магистрала што ќе го поврзува градот од Студеничани до Сарај како дел од концептот „улици за луѓе“, а не за партиски тендери. Предвидени се и субвенции за велосипеди, со цел да се создадат здрави навики што не загадуваат.
Шукова упати и остра критика кон актуелната локална власт:
„Четири години нема градинки. Нема индустриска зона. Нема културни центри. Нема дрвја. Ветија 500.000, нема ни 5.000. Сè што има е сликање. Најава. Потоа молк.“
Наместо тоа, како што посочи, граѓаните добиле поскапа вода, поскап смет, поскапа канализација и најскапо од сè, разочарување.
„Не може скапи зборови да ја покријат евтината реалност“, изјави Шукова.
Таа се обврза на нов почеток со работа, отчетност и визија.
„Јас не сум тука да ви ветувам бајки. Сум работела со план. Ќе го водам градот со план. Имам визија, имам тим и имам јасна цел: да ја изградиме Гази Баба каков што заслужувате зелена, поврзана, функционална“ истакна таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Едно од главните ветувања минатата кампања беше ДУИ во опозиција и ако продолжат вака нереформирани уште долго ќе останат таму

Изборот кој не враќа назад е веќе виден на централно ниво. Имаа седум години можност да покажат и докажат дека навистина се борат за нивниот дом, т.е нашиот заеднички дом, нашата татковина Македонија. Но видовме дека тие се борат само за нивните хациенди на Халкидики, во Дубаи и скапите јахти коишто ги возат за време на летото по Егејското крајбрежје. Тоа е за нив поимањето на терминот „се бориме за нашиот дом“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во општина Лозово во рамките на кампањата под слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за локалните избори закажани за во недела на 19 октомври.
Мицкоски порача дека токму затоа е убеден дека нема друга алтернатива ниту за Македонија, ниту пак за Лозово, како составен дел од државата, а тоа сегашниот и идниот градоначалник, Бошко Цветковски и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Мицкоски се осврна на трите суштински ветувања во измината изборна кампања ан ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори кои се исполнија до сега во овие 15 месеци власт, како линеарното покачување на пензиите не само за 5000 денари, туку до март истите ќе се покачат за вкупно 7000 денари за сите пензионери, како 500 милиони денари од владата за општини за реализација на капитални проекти кои го подобруваат животот на граѓаните.
„Третото суштинско ветување беше дека онаа политичка партија, нереформирана, партија којашто во своето раководство има луѓе за кои постои основано сомневање дека сториле криминал, а тоа е партијата која ја предводи Али Ахмети, ДУИ дека нема да биде дел од владата и дека ќе биде опозиција. Како што може да видите тие веќе 15 месеци се во опозиција и вака нереформирани, како што се денес, мислам дека уште долго време ќе бидат во опозиција“, истакна Мицкоски.
Додаде дека и покрај сите предизвици коишто ВМРО-ДПМНЕ ги имаше при преземањето на власта од првиот ден па се до денес, при што беа затечени проблеми за коишто се знаеше дека најголем дел од нив постојат, но со влезот во институциите следеше непријатно изненадување дека државата е речиси пред банкрот, а институциите и темелите на државата беа комплетно разрушени.
„Но, не очајуваме, туку ги засукаме ракавите и почнавме да работиме. А тоа е впрочем она коешто ние го ветувавме за време на кампањата во 2024 година, каде што ветивме многу работа, чесна и напорна“, рече Мицкоски.
Затоа Мицкоски повика масовно да се излезе на гласање и да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ со заокружување на бројот 9, за да продолжи работата и напредокот на државата.
Македонија
Цветковски: Лозово ќе добие нов инфраструктурен лик и повеќе зелени површини

Кандидатот за градоначалник на општина Лозово, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бошко Цветковски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека ќе продолжи транспарентно и одговорно да работи преку реализација на се она што е предвидено во програмата, како вложувањето во инфраструктурата, градење на нови паркови, за почиста општина и промоција на индустриската зона за подобар економски стандард на жителите во Лозово.
„Се обврзувам дека ќе работам на квалитетно инфраструктурно уредување на општината, зголемување на зелените површини, градење на нови паркови, континуирано и темелно чистење на сите јавни простори, како и посоодветно управување со ѓубрето и отпадот, вклучувајќи го поттикнувањето за унапредување на процесите на собирање, сортирање и отстранување на неговите остатоци. Ветувам дека ќе работиме на промоција на индустриската зона со цел да создадеме адекватни услови за отворање на работни места, како и развивање и спроведување на редица економски трансформативни иницијативи и активности, кои ќе значат дополнително привлекување на странски инвеститори и унапредување на квалитетот на нашиот економски стандард и живот“, вели Цветковски.
Кандидатот за градоначалник на општина Лозово Бошко Цветковски, истакна дека ќе вложува во зголемување на сообраќајната безбедност, во образованието, но посочи дека ќе вложи напори и во унапредување на социјалните услуги за мирна, безбедна и просперитетна општина Лозово.
„Подготвен сум да вложам максимални напори на планот на зголемување на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот, да ја поттикнам заедничката и координирана соработка и ангажман на граѓаните и полицијата, да предложам активности и мерки во насока на намалување на девијантните појави. Ќе дадам силна поддршка на проектите кои се насочени кон дополнителни вложувања во јавното образование, подобрувањето на образовната инфраструктура, унапредување на образовниот процес, што истовремено ќе значат унапредување на севкупните услови, знаења и вештини на учениците. Ќе се залагам за унапредување на социјалните услуги за семејствата и посебно поддршката на родители, жените и децата кои се дел од социјално ранливата категорија. Заеднички посакуваме Лозово да биде модерно, забавно, мирно, безбедно, економски просперитетно и атрактивно катче за живеење и стопанисување“, рече Цветковски.
Македонија
Филипче од Виница: Македонија е претпоследна во Европа по минималната плата

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Виница укажа дека со сегашните ниски плати, високи стапки на инфлација, младите не гледаат перспектива во својата татковина.
„Нема достоен живот кога Македонија е претпоследна во Европа според висина на минимална плата со многу ниска куповна моќ. Младите заминуваат – не затоа што не ја сакаат Македонија, туку затоа што таа не им нуди перспектива. Со оваа ненародна власт животот е сè потежок за сите“, рече Филипче.
Сите ние како што кажа Филипче ја чувствуваме раката на погрешна државна политика, каде кадрите на ВМРО-ДПМНЕ низ локалните и централните нивоа создаваат синџир на неспособност и безредие.