Македонија
(Видео) Јанчева: Додека скопјани се задушуваат, ДПМНЕ ги намали парите за чист воздух во буџетот на Скопје за 10 пати
Додека скопјани се гушат, ниту централната ниту локалната власт на ДПМНЕ не преземаат ништо за намалување на загадувањето. Напротив, дури и парите во буџетот на Град Скопје за заштита на животната средина, се драстично намалени, изјави координаторката на советничкаа група во Скопје од СДСМ, Љубица Јанчева.
„Наместо да ги зголемува, локалната власт на ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска ги намалуваат парите за животна средина и борба против загадувањето. Оваа година, буџетот на Скопје е толку намален, најнизок во историјата и изнесува 25 милиони денари. И е околу десет пати помал во споредба со други години. За споредба, во 2020 година, кога СДСМ беше локална власт во Скопје, 380 милиони денари од Буџетот на Град Скопје се издвојуваа за борба против загадувањето и заштита на животната средна. Сега, парите се кратат, нема интервентни мерки, не се презема буквално ништо за загадениот воздух иако локалната самоуправа има големи ингеренции“, изјави Јанчева.
Додаде дека веќе четири години не се предвидени субвенции за Комунална хигиена за набавка на нови возила, нови контејнери и нови канти за ѓубре. Хигиената во градот е катастрофална. Нема ниту дополнителни субвенции на ЈСП за во деновите кога е воздухот е енормно загаден, да не се користат возилата туку јавниот превоз.
„Ниту едно од ветувањата пред скопјани не се исполнети. Арсовска и Мицкоски ветуваа дека Вардариште ќе го направат зелена зона и тоа не го исполнија. Ветија по 10.000 нови дрвја во секоја општина годишно, ветија, но не исполнија… Мицкоски и Арсовска ветуваа и гасификација на сите домаќинства, целосна гасификацијата на сите средни училишта во градот, како и сите институции и установи под надлежност на Град Скопје“, рече Јанчева.
Потсети дека не е реализирана ниту набавката на 250 нови, еко автобуси, како ни проектот БРТ, зелен проект за кој средствата се обезбедени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

