Македонија
(Видео) Kонцесијата за ископ на песок во Долно Коњари е издадена незаконски
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини,и директорката на Државен инспекторат за животна средина планирање, Ана Петровска, денеска беа во посета на локацијата во скопско Долно Коњари каде што се врши ископ на песок и чакал.
Прелиминарните анализи на Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат голема веројатност дека концесијата на правниот субјект „Еуро прогрес“ ДООЕЛ с.Долно Коњари Петровец, е издадена спротивно на Законот за води, односно дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња.
Николовски посочи дека како координатор на инспекциските служби, детално е запознат со случајот од страна на ресорното министерство и надлежниот инспекторатот, се во постојна комуникација и координација, со цел детално да се истражи случајот и да се постапи согласно законите и правилниците.
„Законите мора да се почитуваат, никој не е над законот, мора да има ред и дисциплина, особено кога се работи за нешто што влијае врз загрозување животната средина и крајно врз безбедноста и здравјето на граѓаните. Заштитата на животната средина и условите за живот во секој регион од нашата држава е врвен приоритет на Владата“, изјави Николовски.
Директорката на Инспекторатот за животна средина планирање, Петровска, посочи дека за да имаат правна важност, податоците од УХМР ќе треба да се потврдат со дополнителни мерења и вештачења, коишто ќе се реализираат во натамошната инспекциска постапка, но не дека не се очекува да има разлики помеѓу овој прелиминарен наод и натамошните подетални истражувања.

„Утврдена е уште една недоследност при доделувањето на Дозволата за експлоатација во 2019 година. Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно Дозволите за експлоатација и ќе го извести Министерството за економија за индициите околу прекршувањето на Законот за води. Ќе се побара и подготовка на нов елаборат за блок Б, со оглед дека постоечкот не е усогласен со важечкиот правилник. Додека да се изработи и одобри елаборатот, ќе се побара од Државната техничка инспекција да наложи прекин на работите на Блокот Б. За индициите околу прекршувањето на Законот за води ќе го информираме и Министерството за животна средина и просторно планирање“, изјави Петровска.
Таа најави дека Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази, со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно дозволите за експлоатација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

