Македонија
„Визер“ ги отвори своите рути од и до земјава

„Визер“, најголемата нискобуџетска авиокомпанија во Централна и Источна Европа, на 1 јули ги отвори своите рути од аеродромите во Скопје и Охрид. Патниците може да резервираат билети за 34 дестинации до некои од најпопуларните држави, како што се Германија, Италија и Шведска.
Со цел да се осигури дека здравјето и благосостојбата на патниците и екипажот ќе останат непроменети, „Визер“ воведува нови протоколи за да се почитува физичката дистанца за време на чекирањето и да се подобри хигиената на летот. Како дел од мерките за заштита на здравјето на патниците и екипажот на авиокомпанијата, патниците треба да се чекираат и да ги купат сите дополнителни услуги онлајн, како, на пример, плаќање дополнителни торби, за да ја намалат интеракција на аеродромот.
За да се спречи можноста за ширење инфекција, најучтиво се замолуваат сите патници да се придржуваат на новите правила за физичка дистанца при влегување и излегување од авионот.
„Визер“ ќе продолжи со својот строг распоред за дневно чистење на целата флота, при што целиот авион ќе биде дезинфициран преку ноќ во согласност со официјалните упатства. Сите нови мерки можете да ги видите на видеото во прилог https://youtu.be/2mVFOEaDrxI
Паулина Госк, менаџер за корпоративни комуникации во „Визер“, изјави: „Среќни сме дека скопската база е повторно отворена и ќе ги продолжи своите летови од Скопје и Охрид овозможувајќи им на патниците можност да патуваат, да ги посетат своите роднини или, пак, да отидат на одмор. Безбедноста на нашите патници и членови на екипажот останува наш најголем приоритет. Имплементиравме низа заштитни мерки за да се осигуриме дека хигиената е на највисоко ниво. Спремни сме да ги пречекаме нашите патници на лет!“
Моментните рури на „Визер“ од Македонија:
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во руралните подрачја недостасуваат 52 матични лекари

Фондот за здравствено осигурување информира дека во руралните подрачја недостасуваат 52 матични лекари.
„Во моментот од 96 планирани матични лекари во рурални подрачја, функционираат 44, а недостасуваат 52“, изјави директорот на Фондот, Сашо Клековски.
Тој најави дека Фондот има намера да спроведе измени на Правилникот ќе овозможат дополнителна либерализација на критериумите, отстранување на постојните пречки и олеснување на отворањето нови ординации во руралните средини каде што се најпотребни.
„Во рамки на оваа иницијатива, Фондот ги повикува: матичните лекари кои веќе работат во рурални ординации; докторите заинтересирани да работат во рурални средини, но ограничени од моменталните услови во Правилникот; и жителите на руралните подрачја, да ги достават своите мислења, предлози и сугестии за измените на Правилникот. Предлози може да се испратат до 1 ноември 2025 година на е-пошта: [email protected]. Сите пристигнати предлози ќе бидат внимателно разгледани од посебна комисија задолжена за подготовка на измените. Доколку се во согласност со законската регулатива, предлозите ќе бидат вградени во новиот Правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива“, рече Клековски.
Македонија
До 15 октомври сите дефекти на мрежата за централно греење ќе бидат остранети, објави Владата

По серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона на 15 октомври, сите дефекти ќе бидат отстранети, велат од Владата.
„Во текот на летниот ремонт, помеѓу двете грејни сезони се вршеше напрегање на дистрибутивната мрежа, активност која била занемарена со години, со цел откривање на дефекти и нивна санација. Во рамките на тие активности, откриени се околу 80 дефекти и истите се целосно санирани. Сепак, староста на мрежата не ја исклучува можноста од појава на нови дефекти, па така по серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона, сите дефекти ќе бидат отстранети“, се наведува во соопштението.
Топлинската мрежа, со која управува АД ЕСМ на територијата на градот Скопје, датира од средината на шеесеттите години од минатиот век. Од Владата велат дека доцнењето на инвестициите во оваа застарена инфраструктура во изминатите години, претставува значителен ризик за целокупниот систем за снабдување со топлинска енергија.
„За да се одговори на овие предизвици и да се обезбеди стабилно, долгорочно решение, програмата на Владата вклучува сеопфатни планови за развој, модернизација, ревитализација и проширување на мрежата за централно греење во Скопје. Подобрувањето и надградбата на системот за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје се формално внесени во листата за планирање на инвестиции во рамки на Реформската агенда – План за раст за периодот 2024-2027 година, како предлог-инвестициски проект од областа на „Чиста енергија““, велат од Владата.
Од таму додаваат дека оваа голема инвестиција има за цел значително да ја зголеми енергетската ефикасност, што ќе ја подобри целокупната состојба во делот на топлинската енергија, ќе поддржи зголемен конзум, и што е најважно, ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и зголемена стабилност на електроенергетскиот систем.
„На крајот, модернизацијата и оптимизацијата на системот за централно греење ќе резултираат со поголема енергетска независност и намалена зависност од увоз на електрична енергија. Подготвителните активности за реализација на овој проект се во тек“, велат од Владата.
Македонија
Андоновски: Работиме на воведување „роаминг како дома“ со Европската Унија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, најави интензивна работа на иницијатива за проширување на слободниот роаминг меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.
„Се надевам дека овој настан ќе биде платформа за поврзување на сите држави, не само како можност за дискусија, туку и како заеднички напор за реални резултати. Поттикнати од Регионалниот совет за соработка, донесовме заедничка декларација што ќе упати повик до ЕУ и до сите наши соседи за воведување на иницијативата ‘роаминг како дома’ – со што би се намалиле трошоците за интернет, телефонски повици и СМС пораки меѓу Западен Балкан и цела Европа,“ истакна министерот Андоновски.
Тој додаде дека веќе постоечкиот регионален договор за роаминг меѓу земјите од Балканот се покажал како успешен модел, и дека следниот чекор е проширување на истиот во рамки на целата територија на ЕУ. Тоа значи дека граѓаните не треба да плаќаат дополнителни трошоци за повици, пораки и интернет кога патуваат во земјите членки на овие зони. Наместо тоа да биде поволност само за државите од Западниот Балкан меѓусебно, Владата работи на воведување на оваа пракса и со сите држави од ЕУ.
Андоновски потенцираше дека нашата земја веќе ги има завршено најголемиот дел од обврските за исполнување на критериумите поставени од Европската комисија. „Очекуваме до крајот на годината да ги исполниме сите услови за приклучување кон заедничката европска роаминг зона,“ порача министерот.
Во своето обраќање, министерот ги нагласи и клучните теми на самитот – дигитализација, интероперабилност, сајбер безбедност, улогата на вештачката интелигенција, како и дигиталниот паричник.