Македонија
Викендов обилни врнежи од дожд и засилен ветер
За време на викендот под влијание на влажни воздушни бранови од Медитеранот ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд и со засилен јужен ветер, информира УХМР.
В сабота врнежите ќе бидат претежно во западните делови каде ќе бидат пообилни. В недела врнежи ќе има насекаде, локално пообилни, а некаде ќе наврнат и над 30 литри на метар квадратен. Ќе дува силен јужен ветер со брзина над 70 километри на час во форма на невреме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Власта го одби амандманот за зголемување на противпожарните капацитети
На денешната собраниска комисија, пратениците од владејачкото мнозинство го отфрлија амандманот по предлог-Буџетот за 2026 година, со кој се предвидува зајакнување на противпожарната заштита, соопштија од Левицата.
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил Хактан, во своето излагање истакна дека во овој предлог-Буџет се предвидени само 16 милиони евра за противпожарна заштита, иако опремата со која располага Македонија не само што е застарена, туку дел од противпожарните возила имаат повеќе од 40 години старост.
Со амандманот на Левица, додаваат од партијата, се предвидуваше зголемување на средствата во оваа ставка за 3.2 милиони евра, имајќи го во предвид и фактот дека и бројот на вработени пожарникари е драстично под потребниот законски минимум.
„Пратеникот од Левица потенцира дека додека власта одвојува 100 милиони евра за НАТО, Македонија секоја година има огромни загуби поради слабости во справувањето со пожарите – нема центар за обука за пожарникари, нема соодветна противпожарна опрема, нема системи за детекција.
Со дрското одбивање на овој амандман од страна на власта на Мицкоски, очекувано е дека и наредната година државата нема да има капацитет да се справи со пожарите и повторно последиците ќе се милионски штети по шумскиот фонд. Сето ова е резултат на погрешните приоритети на власта кои се отсликуваат и во овој предлог буџет, каде повторно се издвојуваат недоволни средства за зајакнување на капацитетите за противпожарна заштита, која единствено функционира со донации за опрема и возила“, се наведува во информацијата од оваа партија.
Македонија
Трајанова: Над 112 милиони денари за нов клинички центар, зголемени средства за клучни здравствени програми
Пратеничката Моника Трајанова од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека предлог-буџетот за наредната година предвидува значајни инвестиции во здравството, со цел подобрување на здравјето и благосостојбата на граѓаните.
Трајанова посочи дека се планирани повеќе од 112 милиони денари за изградба на нов клинички центар во Скопје и во Штип, како и 15 милиони денари за болницата во Кичево. Дополнително, предвидени се скоро 370 милиони денари за генерална реконструкција и доградба на јавните здравствени установи низ Македонија.
Пратеничката наведе дека паралелно продолжува систематското финансирање на јавните здравствени установи и голем број целни програми, меѓу кои: 1,08 милијарди денари за лекување на ретки болести, 860 милиони денари за обезбедување инсулин за пациентите, зголемување на превентивните програми за туберкулоза за 2,5 милиони денари, зголемување на програмата за крводарителство за 2 милиони денари.
„Посветеноста на Владата кон здравјето на секој еден е јасна и недвосмислена. Идната, 2026-та, граѓаните добиваат повеќе, а системот станува одржлив“, истакна Трајанова.
Таа додаде дека буџетот обезбедува континуитет на најважните здравствени програми, подобри услови за здравствените работници и поддршка за најранливите преку зголемени средства во клучните програми.
Македонија
Коцевски: Приведени десетина лица од УЈП, се вршат претреси на повеќе локации
Во рамки на предистражна постапка што се води за лица вработени во УЈП и поврзани со дискотеката „Пулс“ во Кочани, денес се приведени десетина лица, а истовремено се вршат претреси на повеќе локации.
„Се работи за лица вработени во УЈП, а за кривични дела допрва ќе видиме, меѓутоа првичните дела се злоупотреба на службена положба и овластување и давање мито“, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Тој додаде дека дел од комуникациите што беа презентирани во јавноста се опфатени во постапката.
Јавниот обвинител ќе предложи мерки, соопшти Коцевски кој засега не сакаше да открие за кои лица се работи, односно на кои позиции биле вработени приведените.
Овој предмет го води кочанското обвинителство.

