Македонија
Вицепремиерот Битиќи во „Лабараториум“: Иновативноста и креативноста се клучни за развој со додадена вредност

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, го посети „Лабараториум“, компанија од делот на креативната индустрија, која во центарот на градот има простор наменет за развој на култура на иновации и креативност.
При обиколката на просториите на „Лабараториум“ вицепремиерот Битиќи од страна на сопствениците Дејан Милевски и Владимир Митрески беше запознаен со бизнис-моделот базиран на иновативност и развој на креативноста и културното изразување.
Притоа заеднички беше оценето дека развојот на креативните индустрии, со нивниот капацитет генерираат нови идеи, производи и услуги, кои ја развиваат културата на иновации, кое добива сѐ понагласено значење за регионалната и глобалната конкуретност на економијата на Северна Македонија.
„Ме радува тоа што младите добиваат ваков простор, кој создава можност за следните генерации, својата креативност да ја насочат во оваа индустрија, која е во подем во светот, и да создаваат додадена економска вредност овде во Северна Македонија“, рече вицепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи додаде дека културните и креативните индустрии првпат од осамостојувањето на државата се опфатени со кохерентна стратешка рамка на културните и економските политики во Националната стратегија за развој на културата (2023-2027), која е во финална фаза на изработка, каде што овие индустрии се поставени во една од трите приоритетни области.
„Со ова правиме системски исчекор кон нивно разбирање не само од аспект на творечка и уметничка вредност туку и од аспект на економскиот ефект, кој може да го имаат во општеството“, рече вицепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека придобивките што креативноста ги содржи за економијата, Владата ги развива и преку Националната развојна стратегија.
„Националната развојна стратегија (НРС) со која се поставува дваесетгодишна визија за развојот на државата има цел Северна Македонија во следните 20 години да прерасне во земја со развиена, зелена, иновативна и ефикасна економија, со мотивирана и квалитетна работна сила, која ќе бележи континуиран прогрес и одржлива конкурентност и ќе биде агилна на глобалните трендови“, рече вицепремиерот Битиќи на средбата со менаџментот на „Лабараториум“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Советници открија дива депонија во Илинден, наместо расчистување, добија закани од власта

Кандидати за советници од редовите на СДСМ и Коалицијата денеска наутро алармираа за постоење на дива депонија во с. Миладиновци, општина Илинден, и предупредија дека постои сериозен ризик ситуацијата со загадувањето од Дрисла и Вардариште да се прошири и во овој регион.
Советниците објавија видеа и фотографии на своите профили на социјалните мрежи, а доказите ги доставиле и до директорот на Јавното комунално претпријатие во Илинден, Борче Мицановски со барање за итна интервенција.
„Наместо брза реакција, расчистување на депонијата и обезбедување на просторот, директорот на јавното претпријатие, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се заканил на кандидатите за советници дека ќе ги пријави за „намерно потпалување“ на депонијата. Овој скандалозен однос е јасен доказ за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ но и на стравот дека ќе бидат казнети од граѓаните. Наместо да ги заштитат граѓаните и нивното здравје, наместо да работат и веднаш да преземат мерки во ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со закани и обвинувања некого ќе замолчат или дека ќе побегнат од одговорноста. Ниту СДСМ ниту кандидатите за советници нема да молчат, гласно ќе зборуваат за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во Илинден и ќе бараат решенија“, велат од партијата.
Македонија
Утре сончево време со температура до 30 степени

Времето утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје, сончево, со слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 30 степенiи.
Продолжува периодот на претежно сончево време со посвежи утра и постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Почна реконструкцијата и изградбата на шест спортски терени во Гостивар

Општина Гостивар започна со реконструкција и изградба на 6 спортски терени, од кои 4 се спортски терени, еден парк со спортски терен и едно спортско игралиште, на различни населени места во градот.
Од нив, 3 постоечки терени ќе бидат реновирани и опремени со модерна опрема и тартан подлога, додека 3 нови терени ќе се изградат од почеток, според најсовремените стандарди за безбедност, квалитет и функционалност.
„Нашата цел е јасна: да создадеме простори каде што младите ќе поминуваат квалитетно време, ќе се занимаваат со спорт и ќе растат здрави. Овие инвестиции се инвестиции за иднината на нашите генерации,“ – истакна градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.