Македонија
Влада: Националната химна и текстуално и инструментално останува иста
Националната химна останува иста, не била тема на дискусија и околу истата нема никаков спор. Химната ќе остане и текстуално и инструментално истата. Вчера, за време на посетата на грчката делегација пред Владата на Република Северна Македонија не беа интонирани химните поради технички и организациски причини кои произлегоа од стеснетата временска рамка на активностите, соопшти Владата.
Поради доцнењето при слетувањето на авионот беа изоставени сите протоколарни свечени активности при дочекот, вклучително гарда, цвеќиња, воени почести, интонирање на химната и слично. Од Владата велат дека овие активности беа изоставени со цел да се запази дневната работна агенда на премиерите Заев и Ципрас, односно за да успеат во текот на денот да ги постигнат сите планирани работни активности.
„Преспанскиот договор на ниту еден начин не рефлектира врз химната, таа во ниту еден момент не била, не е и нема да биде спорна. Како потврда, во периодот по потпишувањето на преспанскиот договор нашата химна беше интонирана во повеќе пригоди во присуство на официјални претставници од грчка страна. Само пред неколку денови на свечениот прием во организација на Амбасадата на Грција, по повод националниот ден на Република Грција, химната на Република Северна Македонија беше интонирана пред официјални грчки претставници.
Исто така може да се напомене и интонирањето на нашата национална химна за време на кревање на знамето на НАТО пред зградата на Владата, повторно во присуство на претставници на цел дипломатски кор. Химната беше интонирана за време на спортски натпревар за квалификација на Европско ракометно првенство кој се одржа на 28 октомври 2018 година, кога се натпреваруваа нашата земја и Грција во категорија сениори мажи. Дополнително на 16 јуни во главниот град на Северна Македонија ќе биде градот-домаќин на последниот квалификациски натпревар за Европско првенство 2020 во ракомет во кој нашата репрезентација ќе ја пречека Грција и кога повторно ќе бидат интонирани химните на двете земји, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

