Македонија
Владата ги осуди изјавите на Каракачанов: Тие се недолични и недостојни

Владата ги осуди изјавите на бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, дека би можел да испрати инженерски полк за демонтирање споменици во земјава на кои пишува „бугарски фашистички окупатори“.
Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, изјавите ги оцени како недостојни и недолични, коментирајќи дека претставници на две земји членки на НАТО не може да комуницираат на ваков начин меѓу себе.
„Веруваме во решенија и убедени сме дека земја сосед која прва ја призна независноста и беше промотор на патот на интеграцијата кон НАТО и ЕУ нема да помисли да го оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот македонски народ. Може само да изразиме оптимизам дека тоа не е став на мнозинството граѓани и на академската заедница во Бугарија“, рече Арсовски.
Прашан дали Владата размислува да испрати протестна нота до Бугарија, Арсовски одговори дека засега нема нешто такво, но ако има дополнително ќе информираат.
Претходно денеска и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ја коментираше изјавата на Каракачанов. Таа рече дека поминало времето кога министри за одбрана од нашиот регион можеле да даваат такви изјави, а некој да ги смета за сериозни.
„Бугарија е членка на НАТО, и ние сме членка на НАТО, и ова не е начин на кој комуницираат или треба да комуницираат членки на алијансата. Ние ќе продолжиме да ги испраќаме истите пораки кои сме ги испраќале минатите години. Нашите граѓани нè плаќаат и очекуваат да им обезбедиме безбедност, а таа безбедност зависи од добрососедските односи“, рече Шеќеринска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Имало три нови обиди за палење на „Дрисла“, Ангелов најави засилено обезбедување, полицијата разговара со вработените

Криминалистичката полиција разговара со вработените за можни потпалувачи, чадењето сè уште активно.
Криминалистичката полиција денеска разговара со вработени во ЈП „Дрисла“ за да ги утврди причините за пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Припадниците на криминалистичката полиција ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,рече Ангелов.
Тој посочи дека чадењето е намалено, но сè уште активно, појаснувајќи дека станува збор за чадење, а не за горење.
Видлив оган на депонијата нема, рече Ангелов, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата.
Ангелов откри и дека имало најмалку три обиди за ново палење. Побара засилено полициско присуство и дополнителни методи на набљудување, бидејќи дел од депонијата е необезбеден и лесно достапен.
Од „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите.
Македонија
Toшковски: Во тек се подготовки за мирни локални избори

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Одделението за внатрешни работи Струга и Полициската станица за гранични проверки Ќафасан. Од страна на раководствата на СВР Охрид и ОВР Струга министерот беше информиран за безбедносната состојба во регионот, со забележителни резултати во справувањето со насилниот криминал и видлив напредок во подобрувањето на сообраќајната безбедност – област во која и понатаму ќе се вложуваат дополнителни напори.
„Во пресрет на претстојните локални избори, веќе се преземаат соодветни оперативни активности насочени кон обезбедување мирен и безбеден изборен процес. Што се однесува до граничниот премин Ќафасан, во текот на оваа летна сезона е евидентирано зголемување на бројот на патници кои ја поминале границата во споредба со истиот период минатата година. Во таа насока, заедно со албанските колеги работиме на имплементација на системот „One Stop“, кој во комбинација со одредени инфраструктурни прилагодувања ќе овозможи да имаме трајно решение за намалување на гужвите и забрзување на протокот на патници и возила за време на туристичката сезона.“, подвлече министерот Тошковски.
Македонија
Собранието ја усвои Декларацијата за фер, слободни и демократски избори

Собранието на денешната пленарна седница ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите на општините и за градоначалници на општините и на Градот Скопје. Оваа декларација е прва од ваков вид што се усвојува во Собранието.
Со овој историски чин, Собранието ја реафирмира својота непартиска сплотеност и посветеноста за гарантирање на демократските и европските стандарди во изборниот процес, нудејќи целосна поддршка на одговорните институции, независното набљудување и мирната и рамноправна изборна кампања.
Декларацијата ја нагласува важноста на почитувањето на законот, основните права и слободи, како и осудата на говорот на омраза, насилството, корупцијата и злоупотребата на државните ресурси. Исто така, се потенцира значењето на политичката толеранција и меѓусебното почитување меѓу различните политички опции, како и улогата на медиумите во обезбедувањето позитивна атмосфера на изборниот процес преку еднакво промовирање на кандидатите, нивните идеи и платформи.
Собранието, како претставник на граѓаните и чувар на сплотеноста, испраќа порака дека изборите на 19 октомври треба да бидат доказ за политичката зрелост и за демократското функционирање на нашето општество и институции.