Македонија
Владата денешната седница ќе ја одржи во Битола
Владата својата редовна 159-та седница денеска ќе ја одржи во Битола, во зградата на Општина Битола. Со оваа прва седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони во државата, ќе претседава премиерот Зоран Заев, и на неа ќе присуствуваат сите министри во Владата, а како гости ќе учествуваат и градоначалниците од Пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.
На оваа седница приоритет ќе добијат информациите и одлуките за проекти од непосреден интерес на граѓаните на овие општини. За таа цел, во текот на денот, на седницата ќе ѝ претходат повеќе теренски активности.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, заедно со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска ќе извршат увид во работите на рехабилитацијата на регионален пат Прилеп-Тополчани-Битола, по што ќе следуваат изјави за медиумите. Настанот е предвидено да се одржи во 11:00 часот на влезот во Битола (клучка кај Могила).
Во 12 часот увид во напредокот на изградба на пречистителна станица за отпадни води во подпелистерските села Трново и Магарево ќе извршат заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули придружуван од градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Министерот за здравство Венко Филипче ќе го посети Здравствениот дом во Битола, кадешто пред 1 месец се пушти во употреба реновираната Служба за итна медицинска помош. Во 13:15 часот, следат изјави за медиумите на министерот Венко Филипче и директорката на јавно-здравствената установа Весна Спирковска и градоначалничката Наташа Петровска за досега сработеното во овој здравствен дом.
Во рамките на агендата на министрите по повод одржувањето на седницата на Владата на Северна Македонија во Битола, во посета на РЕК Битола, ќе биде заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, кои ќе ја промовираат и мерката за инвертер клими, во присуство градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, како општина опфатена во првата фаза со оваа мерка. Посетата во РЕК Битола, и изјавите на владините претставници и градоначалничката е предвидено да се оствари во 15:00 часот.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заедно со градоначалничката на Битола Наташа Петровска ќе посети неколку мали групни домови во општината. Оваа обиколка на малите групни домови е предвидено да започне во 17:00 часот, вклучително со изјавите на медиумите. Локацијата на малите групни домови е на адреса: ул. Леринска бр. 47.
Непосредно пред почетокот на 159-тата редовна седница на Владата на Република Северна Македонија која ќе се одржи во Битола, е предвидена и изјава на премиерот Зоран Заев, пред зградата на Општина Битола во 17:50 часот.
Оваа седница, како прва во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони во државата, со учество на градоначалниците од Пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар, ќе започне во 18:00 часот, во салата за седници на Советот на Општина Битола. Отворениот дел на седницата ќе биде од 18:00 – 18:15 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

