Македонија
„Владата на Мицкоски со своето неодговорно однесување се заканува долгорочно да ги загрози перспективите на земјата за членството во ЕУ“, велат од ДУИ
„Владата на Христијан Мицкоски, водејќи се од популистичкиот бран кој ВМРО ДПМНЕ го јавнаа уште кога беа опозиција, со своето неодговорно однесување, се заканува долгорочно да ги загрози перспективите на земјава за остварување на стратешката цел – членството во ЕУ“, велат од ДУИ.
„Иако го поставија како прв приоритет во рамките на новата Влада, Премиерот и неговиот најблизок круг целосно се откажаа од европското досие, и тоа веќе не го кријат во нивните настапи.
Не само со небулозното одбивање на Уставното дополнувања со неколку малцинства, туку Премиерот наоколу се фали дека новата Влада успеала да ја надмудри и Грција во изигрување на преспанскиот „Ерга омнес“ и се фали дека сѐ помасовно се изоставува делот „Северна“ од името на земјава.
Најавија дека ќе оформат иницијатива за создавање консензус по прашањето на европската перспектива на земјава, што е преставува добра интенција.
Но во јавноста секојдневно ги гледаме како внатре водат „лов на вештерки“ за тоа кој извршил поголемо предавство, кој кажал „Северна“, кој бара Уставни измени итн.; додека во исто време и надвор создаваат непријатели наоколу и меѓу соседите, и во Брисел и во останатите европски политички центри.
Денес Владата не само што нема консензус за европската перспектива, туку јавно се расфрлаат со некакви апстрактни гаранции, кои, парадоксално, ние ѝ ги наметнуваме на ЕУ како услов, небаре нам ни е местото да ставиме бенчмарк од наша страна, доколку Европската Унија сака да ги продолжи преговорите со нас.
Политичката перверзија оди дотаму што никој точно не знае какви гаранции всушност ние бараме. Има нејасни пораки од кого тие се бараат, кој треба да ги испорача, кој треба да ги ревидира, да потврди дека се исполнети, од кого имаме поддршка за тоа итн.
Владата свесно создава „нов спор за името“ кој треба да ја држи земјата надвор од интегративните процеси кои ќе значат извлекување на земјата од балканската кал.
Република Северна Македонија денес е меѓународно изолирана земја која ниту остварува, и која ниту има официјални билатерални посети од нашите сојузници и партнери.
Обратно, земјава влегува во разни контроверзни партнерства со автократи;обезбедува финансиски средства од сомнителни избори, под нејасни околности и услови; а и најавува влегување на сомнителни и контроверзни бизниси во земјава.
На земјава ѝ е потребна нова политичка платформа која ќе има јасна европска перспектива, преку зачувување на националното достоинство на сите граѓани и сите етнички заедници.
Оваа влада целосно го загуби легитимитетот за остварување на таква платформа и затоа се потребни предвремени парламентарни избори“, соопшти ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Македонија
Продолжува генералката во Скопје, денес на ред е реката Вардар
Од ЈП „Улици и патишта”- Скопје информираат дека продолжуваат активностите со машинско и рачно чистење на коритото и косините на река Вардар.
-Екипи на ЈП „Улици и патишта”- Скопје и денес се активни со машинско чистење на коритото и рачното чистење на косините на река Вардар. Рачно се отстранува насобраната пластична амбалажа и смет од косините на реката, а со багери и останата механизација машински се чисти кабаст и земјан материјал кој е насобран во централниот дел на кејот, информираат од ЈП „Улици и патишта”- Скопје во објава на Фејсбук.
Посочуваат дека во акцијата за чистење од Град Скопје се вклучени сите екипи на ЈП „Улици и патишта”-Скопје со целата расположлива механизација и работен капацитет. Потенцираат дека тие деновиве ќе работат до целосно расчистување на кејот на реката Вардар.
Македонија
Алиу: Примената на вештачката интелигенција во медицината помага за подобрување на дијагностиката
Применаата на вештачка интелигенција има голем потенцијал да ја подобри дијагностиката, персонализираната медицина, откривањето нови лекови и молекули кои ќе овозможат одредени болести многу подобро да се лекуваат со помалку нус појави. Исто така, таа ќе помага во намалувањето на времето коешто лекарите и медицинскиот персонал го трошат на административно работење. Ова се дел од заклучоците од овогодишното издание на „HEALTH INNOVATION EXPO 2025“ – најсовремениот Саем за медицина, стоматологија и фармација, кој денеска и утре се одржува во Скопје.
На Саемот беше посочено дека вештачката интелигенција треба да биде интегрирана заедно со медицинскиот персонал со лекарите и таа ќе даде дополнителна вредност, односно дополнителна способност и вештина на медицинските лица во обезбедување подобра здравствена заштита на самите пациенти, а не нивна замена.
Министерот за здравство, Азир Алиу истакна дека дигиталната трансформација во здравствениот систем не е едноставна, бидејќи, како што рече, еко-системот во секоја земја е комплициран.
-Ценам дека чекалните со пациенти кои имаат папки и ќесиња со документи треба да биде минато, историја. Знаете дека еден од клучните пет столба кои ги имаме како Министерство е дигиталната трансформација. Дигиталната трансформација во здравствениот систем не е едноставна, бидејќи еко-систем како во секоја земја е комплициран. А кога се прави свичување од еден во друг процес, дигитализирање на процесите, тогаш треба и обуки и заеднички пристап и на приватните и државните институции со цел таа дигитална трансформација да не биде скенирање и дигитализација на документи, туку да донесе автоматизирани и дигитализирани процеси во здравството, рече тој.
Министерот нагласи дека за да имаме алгоритми што обработуваат и алармираат за некој процес во здравството, вие морате да имате интегриран систем кој што црпи податоци од секоја здравствена институција во државата.
-Првиот наш чекор беше тоа – мапирање на здравствените институции и од аспект инфраструктура, човечки капацитети и сервиси коишто ги нудат. Еден од податоците веќе е јавно достапен на нашата веб-страна и веќе имате податоци за здравствени институции обработени од нашиот систем. Многу скоро, најверојатно за недела-две ќе имаме прес-конференција за човечките капацитети во државата кои ги кластериравме на доктори, медицински сестри, технички персонал. Врз основа на тие податоци на човечки ресурси, ние ќе треба да дефинираме и мапираме кој тип на протоколи ќе ги дефинирани, а поврзани со дигиталните процеси во здравството. И понатаму сите алгоритми поврзани со вештачката интелигенција ќе бидат алатки коишто ќе помагаат на дневна основа и за медицинскиот персонал и за докторите, но и за пациентите. Тие се алатки коишто постигнуваат интеракција помеѓу здравствениот систем и пациентот и целта на тие алатки не е да се менува доктор со машина или алгоритам, туку тие да бидат алатки што ќе помагаат и ќе носат здравствени услуги кои ќе бидат во реално време, попрецизни и достапни од секоја точка. Фактички, здравството да биде поблиску до граѓаните, а не граѓанинот да трча по здравствени институции, рече тој.
Алиу информира дека веќе работат на пилот проект во два града – во Дебар и во Делчево за теле-медицина. Потенцира дека работат и на измени на 12 закони кои се однесуваат на здравствената заштита.
-Ќе имаме центар за теле-медицина, кој во првата фаза ќе почнеме и веќе е при крај проектот за консултации помеѓу специјалисти и пациенти во овие два града и понатаму ќе се развие тој протокол за да може да биде дел од здравствената инфраструктура и теле-медицината. Во моментот работиме на промена на 12 закони – во Законот за здравствена заштита ќе има поглавје за дигитална трансформација на здравството, бидејќи во моментот немаме дефинирани протоколи за нудење на здравствени услуги преку теле-медицина или преку дигитални алатки. Сите здравствени институции се известени од страна на Министерството за здравство. Технички гејтот е отворен, значи имаме двојна комуникација помеѓу нашиот систем и здравствени систем. Идејата е дека државата треба да креира протоколи и правила, додека сите здравствени институции во државата треба да ги следат и да се адаптираат на тие протоколи и правила и тоа ние го направивме – креиравме стандарди и протоколи за комуникација помеѓу институциите и тоа е во согласност со европските стандарди. Ние мора да креираме здравствен систем кој ќе биде централизиран и за кој ќе имаме јасна здравствена слика за секој наш граѓанин, без разлика дали тој црпи здравствени услуги од приватна или државна здравствена институција, рече министерот Алиу.
Алиу истакна дека лекарите не треба да се плашат дека вештачката интелигенција ќе им го заземе местото во здравствените установи.
-Не треба да се плашат. Мојот докторат е поврзан со медицина. Јас пред околу 15 години имав докторат кој се поврзува со дигитализација и детектирање на мирко-фалсификати во радиологија. Тогаш беа првите почетоци на тоа како треба технологијата да биде дел од здравствениот систем. И тогаш имаше вакви прашања – дали вашите софтвери ќе не менуваат нас како доктори? За наша среќа, денеска технологијата е дел од нивниот секојдневен живот и тие гледаат реално спас во дигиталните содржини и таа технологија е вклучена во нивниот секојдневен живот. Ние веќе имаме дигитални решенија кои се препознатливи не само кај нас, туку и надвор од државата. Како што е Мој термин, кој е функционален, функционира и е една добра база за дигитализација. Дигитална трансформација на здравството веќе постои кај нас, само треба да се надополни со други компоненти и елементи и да имаме здравствен систем во кој секој од нас папката за нашата здравствена картичка ќе ја имаме на нашиот мобилен телефон, а не да трчаме со папки и ќесиња пред доктор. Треба да креираме здравство во кое податоците ќе ги следат пациентите, а не пациентите да трчаат по податоци, рече Алиу и најави дека за брзо време ќе имаат прес-конференција на која ќе биде претставено логото – една ќесе и црта, со кое кесата веќе не треба да се носи и да биде дел од нас.

