Македонија
Владата предложи трошаџија за директор на М-НАВ: на државна сметка си ја шетал сопругата во Мадрид како директор на УЦВП
На местото на досегашниот директор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, Владата на денешната седница го назначила Илир Мехмеди, кој е поранешен директор на тогашната Управа за цивилна и воздушна пловидба.
Тој е воздухопловен инспектор, но не го исполнува условот еден од директорите да е од редот на контролорите на летање. На местото извршен директор, статутот вели дека тоа мора да е контролор на летање, треба да има валидна дозвола за надзорен контролор на летање и најмалку 6-годишно работно искуство како надзорен контролор на летање.
Во времето кога директорувал со Управата, Хамиди ја носел неговата сопруга на патување во Мадрид, а приватно патувал и во Сингапур на сметка на Управата, утврдиле во Државниот завод за ревизија.
Како што пред 14 години објави „Макфакс“, ревизорските извештаи покажале дека Мехмеди, кој бил назначен од редовите на ДУИ, незаконски потрошил повеќе од 8.000 евра од касата на УЦВП за патувања што не биле за целите и потребите на Управата.
Исплата на сомнителни фактури, непочитување на Законот за јавни набавки, ненаменско трошење пари без соодветни одлуки од Владата, се само дел од неправилностите што ги констатирале државните ревизори во работата на УЦВП додека директорувал Мехмеди.
Контролата покажала дека од касата на управата биле исплатни повеќе од 25.000 евра за набавка на мебел, клуб маси, трпезариски столови, комоди, фотелји, двоседи, телевизори, двд кои воопшто не биле евидентирани по пописот во просториите на управата на крајот на 2005 година. Од увидот во планот за јавни набавки за 2005 година и документацијата од спроведените јавни набавки, ревизијата констатирала дека од планираните 52 набавки, биле реализирани 11. Од нив, 10 набавки со вкупна вредност од безмалку 400.000 евра биле реализирани надвор од планот за јавни набавки.
„Исплати на средства за набавка на опрема, материјали, резервни делови и ситен инвентар и користење на услуги од повеќе доставувачи, во износ од 860.000 евра биле потрошени без спроведена постапка за јавна набавка или спроведена постапка спротивно на Законот за јавни набавки“, пишува во извештајот.
На денешната седница Владата предложи смена и на вториот директор на М-НАВ. На местото на Љубе Стаменковски доаѓа Милан Кораќ, кој е оперативен инженер техничар во М- НАВ.
Третиот директор Хасим Деари не се менува.
Во меѓувреме Финансиската полиција денеска влезе во Македонски навигации и врши увид во работењето на М-НАВ. Штрајкот на контролирите, по смената на директорите ќе биде ставен во мирување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

