Македонија
Владата: Софтверот е набавен преку регуларна јавна набавка
Софтверот за сообраќај е набавен преку регуларна јавна набавка, авторските права се во целосна сопственост на Владата и за тестирањето е известено Бирото за јавни набавки, велат од Владата.
Оттука нагласуваат дека при набавката на софтверот не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки и не е констатиран никаков конфликт на интерес.
„Владата при набавка на авторски дела, како, на пример, набавка за изработка на софтверски решенија, секогаш има обврска да осигури дека доставувачот заедно со предаденото авторско дело ги предава сите авторски или индустриски права на договорниот орган и во овој случај таа обврска е почитувана во целост. Соодветно на тоа, Владата како сопственик на софтверот и на авторските права, може, без услови, да го модификува и надградува софтверот по сопствено наоѓање. Изворот на авторски права никогаш не е и во овој случај не бил критериум при оценувањето на понудите на јавните набавки“, навeде Владата преку соопштение.
Од тука додаваат дека се работи по највисоките професионални, правни, етички и законски постапки и нема да дозволат нарушување на ваквите стандарди за отчетност и транспарентност, без разлика за која набавка станува збор.
Владата ги повика надлежните институции, вклучително и ДКСК, да ги извршат сите неопходни проверки, вклучително и тоа дали при обезбедувањето на овој софтвер и на авторските права за овој софтвер се прекршени какви било процедури, правила, стандарди или е нарушен принципот на избегнување конфликт на интерес.
„Софтверот, изработен од ФИНКИ и Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн ‘ИНВОКА груп’ ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран и предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Создаден е за разни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да детектира многу широк спектар на разни сообраќајни прекршоци. Тој претставува автоматизиран систем, кој го елиминира човечкиот фактор при одлуката за санкционирање сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила.
Набавката на софтверот за контрола на просечната брзина на возилата во сообраќајот е спроведена со сите детаљни процедури преку отворена и јавна тендерска постапка во која, поради повеќе учесници, односно наддавање од три компании, предвидениот буџет за проектот од 8 милиони е намален на речиси 5 милиони денари.
Извршено е тестирање на софтверот, при што констатирано е дека е целосно функционален и ефикасен, а за тестирањето на софтверот имало претходни известувања од службите на Генералниот секретаријат на Владата до Министерството за внатрешни работи, односно до Бирото за јавна безбедност“, се додава во соопштението на Владата.
Претходно денеска, Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека отворила предмет за софтверот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

