Македонија
Владата: Усвоени се низа на мерки насочени кон зајакнување на економската стабилност

Владата денес ја одржа редовната 63-та седница, на која беа усвоени низа важни мерки насочени кон зајакнување на економската стабилност, подобрување на јавните услуги и зголемување на транспарентноста во владеењето. Овие одлуки, како што велат од Владата, ја одразуваат нивната заложба за постигнување конкретни резултати.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за утврдување на минималната плата за 2025 применувајќи ги законски утврдените критериуми, каде минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст од 2,685 денари во бруто износ, односно 1,812 денари во нето износ. Владата континуирано продолжува да го подобрува животниот стандард на граѓаните преку стабилен раст на економијата.
Воедно, на денешната седница на Владата, се усвоија предлозите за измени и дополнувања на седум закони кои се во надлежност на Министерството за транспорт.
„Имајќи ги предвид последните трагични случувања, сѐ има за цел вршење на почести контроли на сите иматели на лиценци, дозволи и одобренија односно овластувања. Имајќи предвид дека се издаваат многу лиценци, одобренија, дозволи или овластувања од страна на Министерството за транспорт овие законски измени имаат за цел да предвидат законска обврска двапати годишно да се врши таа проверка на сите иматели на лиценци издадени согласно Закон. Тоа секако не ја исклучува можноста да се вршат повеќе контроли односно почести од предвидените со закон, се со цел обезбедување на квалитетни услуги и сигурност на граѓаните кои се корисници на тие услуги од лицата иматели на лиценци“, велат од Владата.
Дополнително, законските измени предвидуваат за следните контроли жалбата да не го одлага извршувањето односно суспензијата ќе оди веднаш.
Се додава дека овие активности ја потврдуваат нивната посветеност за вистински, конкретен напредок кој има за цел да го подобрува секојдневниот живот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Социјалните работници бараат поголема заштита по пукањето кон нивната колешка во Прилеп

Социјалните работници од Прилеп, Неготино и Тетово застанаа зад нивната 36-годишна колешка од Прилеп, која вчера беше застрелана на работното место и повикаа на итни мерки за заштита.
Тие бараат нападот врз нив да се третира како напад врз службено лице, да имаат физичко обезбедување, психосоцијална поддршка, подобри услови за работа и построги санкции за насилниците.
„Вработените во Центрите за социјална работа секојдневно се соочуваат со закани, вербални и физички напади додека ја вршат својата должност за заштита на најранливите категории граѓани. Недостатокот на безбедносни мерки во институциите каде што работиме сериозно го загрозува не само нашето физичко и менталното здравје, туку и квалитетот на услугите што ги обезбедуваме. Од ова место сакаме да изразиме силна осуда на говорот на омраза кој што континуирано се случува а ескалираше во вчерашниот ден на социјалните мрежи. Таквиот говор на омраза само ги охрабрува сите оние кои мислат дека се незадоволни и може да придонесе за ново насилство во било која институција“, изјави Марко Спиркоски, вработен во Центар за социјална работа Прилеп.
Директорот на прилепскиот Центар за социјални работи Зоран Малкоски, пак, вели дека пукањето е и напад на околу 1.200 вработени во сите 30 центри за социјални работи низ државава. Тој не знае зошто не биле информирани за бегството на осомничениот од Психијатриската болница во Демир Хисар, а неговите обиди да стапи во контакт со директорот на Психијатриската болница биле безуспешни.
Социјалната работничка, која вчера беше повредена на работното место, е во стабилна состојба. Обвинителството покрена истрага против 50-годишниот прилепчанец кој се сомничи за кривично дело „ обид за убиство“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи“. Се бара притвор.
Македонија
Во добра состојба е првиот пациент кој се врати од лекување во странство по пожарот во Кочани

Првиот од 115-те пациенти кои се лекуваат во странство, по пожарот во дискотеката во Кочани, попладнево се врати во земјава и е во добра состојба.
Тој беше донесен од болницата во Белград, Србија и засега останува на опсервација во ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје.
Директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, Андон Чибишев рече дека клиничката состојба кај пациентот е подобрена и тој извесен период, неколку часа или можеби до утре ќе биде опсервиран на Универзитетската клиника за токсикологија.
„Тој е прегледан и е во сосема добра состојба, со добри клинички параметри. Ќе направиме некои наши иследувања за да бидеме сигурни дека можеме да го пуштиме дома да си оди кај семејството“, рече Чибишев.
Како што објасни протоколот налага да биде земена барем основна лабораторија, да направат интервју за да видат низ се што поминал додека се лекувал таму.
„Доаѓањето во својата држава и дома, секако дека за него е да не кажам малку стресна состојба и ние не можеме веднаш да го пуштиме да си оди дома, туку ете малку тука ќе биде со нас, ќе се дружи со нашиот персонал, а во меѓувреме ние ќе ги направиме иследувањата“, додаде Чибишев.
Пациентите кои се враќаат во земјава, но и оние кои се лекуваат во државата, ќе бидат третирани и од тимови на психијатри и психолози.
Македонија
В недела меморијален марш за Благојче Илијевски кој почина од цистична фиброза чекајќи „Трикафта“

В недела, на 30 март, ќе се одржи второто меморојално пешачење во Битола во спомен на Благојче Илијевски, кој почина во 2023 година, чекајќи државата да го набави лекот „Трикафта“.
Пешачењето ќе биде со водичи од планинарското друштво од Битола „ПСПК 7ми мај Битола“.
Поаѓањето е од 10 часот од кај винарија Чифлик во близина на селото Брусник, и продолжува по земјен пат, до селото Дихово и назад кон селото Брусник.
Асоцијација за Цистична Фиброза го организира меморијалното пешачење во негова чест, избирајќи датум помеѓу неговиот роденден 27. март, како и именденот 7. април.
Благојче Илиевски, речиси две години добиваше уверувања од државата дека ќе го добие лекот за цистична фиброза, но чекајќи ја изгуби битката со болеста.