Македонија
Владата усвои пакет закони за селекција и управување со отпадот според ЕУ-стандарди
Владата на денешната 32. седница ги утврди текстовите на предлог-законите за управување со отпадот, на законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад, на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, на предлог-законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите, на предлог-законот за управување со пакување и отпад од пакување, како и на предлог-законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.
Сите овие предлози за закони се во согласност со регулативата на ЕУ за управување со отпадот и со нив комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот.
Суштинските придобивки од законските решенија што се донесуваат, од кои некои од нив за првпат во нашата земја, меѓу другото се: зајакнување на обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот, воведување хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депонииите. Исто така, воведување финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил, а предвидена е и забрана за пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа.
Од овие законски решенија кои ќе бидат доставени на усвојување во Собранието, одговорноста за целиот циклус на отпадот од производство до рециклажа е на производителот, а граѓаните ќе бидат задолжени да вршат селекцијата на отпадот, додека општините заедно со колективните постапувачи ќе имаат јасни обврски да им ги овозможат сите неопходни услови за селекција на отпадот на сите граѓани, соопшти Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

