Македонија
Владата: Работата на функционерите е под лупа како никогаш досега

Владата останува посветена на реформите во полето на борбата против корупција, a работата на функционерите e под лупа како никогаш досега, велат од Владата преку соопштение како одговор за индексот на перцепција на корупцијата.
„За бескомпромисна борба против корупцијата ги подигнавме отчетноста и транспарентноста на институциите на извршната власт, која треба да биде зајакната и со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија.
Владата на Република Северна Македонија останува да се раководи од ставот дека отворените податоци се силен поттик и дополнително ги јакнат доброто управување, транспарентноста, интегритетот и со јавното учество на граѓаните и другите засегнати страни во креирањето на политиките.
Сите реформи што беа преземени и што се спроведуваат се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата сѐ со цел да се врати довербата на граѓаните во институциите на системот.
Во таа насока имаме сериозни остварувања и резултати. Според последното истражување на Action SEE за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан објавено минатата година, Владата на Република Северна Македонија, заедно со Црна Гора, се издвојува во регионот според индексот на отвореност, кој изнесува 78 отсто во однос на исполнување на индикаторите.
Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со 52 отсто исполнети индикатори.
Донесовме законска регулатива, која на Државната комисија за спречување на корупцијата – од почнувањето со функционирање во новиот состав минатиот февруари, ѝ создаде солидно досие на поведени случаи, вклучително и поведени иницијативи за утврдување кривична одговорност за актуелни носители на јавни функции, како и поништени решенија за вработување.
На 17 јануари ДКСК ја донесе петгодишната национална стратегија за спречување корупција, чии цели се зголемување на нивото на политичка одговорност, спречување на политичкото влијание, јакнење на интегритетот и транспарентноста при вработување во јавниот сектор, кое треба да се базира на квалитет, јакнење на надзорните и контролните механизми и намалување на корупцијата во јавните набавки и доделувањето грантови.
Минатата година усвоена е стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2019-2021 година, со акциски план, за унапредување на амбиентот за транспарентност и доверба во работата на институциите.
Со порталот „Отворени финансии“ оваа Влада го отвора државниот трезор на Министерството за финансии и на увид на јавноста ѝ ги става сите минати, сегашни и идни финансиски трансакции, на буџетските корисници од буџетот на Република Северна Македонија. Сите идни ќе се прикажуваат на секои 15 дена.
Првпат во политичката пракса во нашата земја Владата е таа што самоиницијативно го стави своето финансиско работење на најотворен и најтранспарентен начин.
Многу малку земји може да се пофалат дека имаат воведено ваква алатка, која им овозможува на граѓаните да имаат увид во приходната и расходната страна на буџетот во секое време.
Поттикнати од начелото за транспарентно и отчетно трошење на државните средства, односно на парите на граѓаните, порталот „Отворени финансии“ го отвора патот на граѓаните, експертските и граѓанските организации за транспарентен увид во трошењето на народните пари и отвора широка можност за сугестии и предлози за учество на граѓаните и за креирање подобри политики во менаџирањето на буџетот на граѓаните.
Отворањето на трезорот и сите податоци во него е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните.
Преку порталот „Отворени податоци“ го овозможивме максимално учеството на граѓаните при креирањето политики и при анализа на испорачаните резултати. Кусо кажано, преку порталот за отворени податоци ги качивме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво.
Пред две години првпат во политичката историја на Република Северна Македонија, Владата, самоиницијативно, на увид на граѓаните ја стави можноста да го следат и анализираат трошењето на средствата на граѓаните од страна на владините функционери.
Владата на Северна Македонија креира и спроведува политики што нѐ приближуваат кон отворени и транспарентни општества и на отворени ресурси достапни за сите. Бројките на отворени и затворени случаи, како и бројот на високи функционери чии имоти и начин на работа беа и се предмет на истражување на институциите (пред сѐ, на ДКСК), покажува дека правецот во кој се движи државата кога во прашање е борбата против корупцијата, е добар и среднорочно и долгорочно вродува со плод. Работата исто како и имотот на функционерите е под лупа како никогаш досега.
Владата на Северна Македонија останува посветена на реформите во полето на борбата против корупцијата и ќе продолжи со имплементација на механизмите кои овозможуваат правично функционирање на системот“, се наведува во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.