Македонија
Владина делегација со цвеќе им оддаде почит на жртвите од скопскиот земјотрес
Владина делегација, предводена од вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, а во чиј состав беа и министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, денес, положи цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот кој го погоди Скопје во 1963 година.

Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од 6,1 степен по Рихтерова сеизмичка скала (9 степени по Меркалиевата скала), во 5:17 часот на 26 јули 1963 година. Овој земјотрес, кој траеше 20 секунди, однесе 1.070 човечки животи, дополнително беа повредени најмалку 3 илјади лица, а околу 200 илјади скопјани останаа без покрив на главата.
Главниот град, по земјотресот, стана симбол на солидарноста во светот. Во процесот на обнова на Скопје, точно 87 нации од светот испратиле помош со која придонеле тој да се изгради повторно, а поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Почит кон загинатите во земјотресот одадоа и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, делегации од Собранието и Канцеларијата на Претседателот на државата, претставници на Армијата, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во нашата земја и семејствата на жртвите.


©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трендафилов: Пробуваат на мала врата да ја усогласат минималната плата за 1.600 денари, излегуваме повторно на улица
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска ја напушти седницата на Економско – социјалниот совет, на која на дневен ред беше минималната плата. Тој обвини дека власта на мала врата пробува да утврди усогласување на минималната плата за околу 1.600 денари.
„Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми“, вели Трендафилов.
Тој најави дека протестите ќе продолжат на средината на март. „За жал, борбата продолжува повторно на улица на средина на март“, објави Трендафилов.
Премиерот, Христијан Мицкоски, претходно информираше дека на денешната седница на Економско-социјалниот совет на дневен ред била Информација за висината на минималната плата.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам на следната владина седница да го поминеме ова и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски и додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
Македонија
(Видео) СДСМ бара одговорност од власта за шверцот со петте тони дрога
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција побара одговорност од актуелната власт во врска со, како што рече, најголемиот нарко скандал во регионот, по заплената на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија.
Таа посочи дека повеќе од еден месец нема одговори како толкава количина дрога ја поминала границата и кој од врвот на власта ќе понесе одговорност.
Според Кузеска, од досега достапните информации произлегува дека станува збор за високо организирана криминална група која, како што рече, не можела да функционира без поддршка од лица на највисоки позиции во власта.
Кузеска наведе три клучни аспекти за кои, според СДСМ, треба да се утврди одговорност.
Првиот се однесува на локации во околината на Свети Николе, каде што, како што тврдеше, се вршел претовар на дрогата. Таа рече дека од фабрика во кругот на ОХИС „Алфафарм“ дрогата била транспортирана без полициска придружба, прашувајќи кој го дозволил тоа и зошто не биле извршени контроли.
Вториот аспект се однесува на начинот на пренос преку граница, при што, според неа, дрогата била препакувана како перници. Таа праша како, и покрај скенерите и контролите, пратките ја поминале границата, посочувајќи дека одговорност треба да се бара и кај царинските служби.
Третиот аспект, според Кузеска, е поврзан со информациите дека пратката завршила во магацин на локални функционери на српската СНС, за која рече дека е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, при што посочи и на наводни блиски врски со српски функционери.
„СДСМ нема да дозволи овој случај да се заташка“, изјави Кузеска, додавајќи дека не смее одговорноста да заврши само кај магационери, превозници и сопственици на фирми, туку, како што рече, мора да се утврди кој од власта ќе одговара.
Македонија
Инвертер клими за ранливи домаќинства — објавен јавен повик до сите компании да се вклучат во борбата против енергетската сиромаштија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави Јавниот оглас за пријавување на интерес од страна на правни субјекти кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, со што започнува практичната реализација на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.
Основната цел на јавниот повик е обезбедување директна поддршка за домаќинствата кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, преку доделување потврда-ваучери за набавка и вградување високоефикасни инвертер клима уреди.
Со програмата е предвидено секое домаќинство кое ќе добие ваучер да може да набави и инсталира високоефикасен инвертер клима уред во вредност до 28.000 денари со вклучен ДДВ, кај компании кои ќе склучат договор со Министерството по спроведување на јавниот оглас.
Право на учество имаат сите правни субјекти регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, а избраните компании ќе имаат обврска да обезбедат уреди со најмалку енергетска класа А+, нивна монтажа на адресата на корисникот, како и гаранција од најмалку две години, без дополнителни трошоци за граѓаните.
Министерството ги повикува сите заинтересирани компании активно да се вклучат во реализацијата на програмата и да придонесат кон нејзино успешно спроведување.
Оваа мерка претставува конкретен чекор во намалување на енергетската сиромаштија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата, обезбедувајќи поекономично и поодржливо греење за граѓаните кои имаат најголема потреба од поддршка.
Јавниот оглас, условите за пријавување и потребната документација се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини: https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/javen-oglas-za-prijavuvanje-subjekti-koi-vrsat-trgovija-na-visokoefikasni-inverter-klima-uredi
По завршувањето на постапката по јавниот оглас и по објавувањето на листата на компании со кои Министерството ќе склучи договор, истовремено ќе бидат објавени и списоците на лицата кои се стекнале со право на користење на оваа субвенција. Со тоа ќе се создадат услови веднаш да започне процесот на доделување ваучери и набавка и инсталација на високоефикасните инвертер клима уреди, без дополнителни административни одложувања, со цел навремена и ефикасна реализација на мерката во интерес на граѓаните.
Фото: Depositphotos

