Македонија
Владин претставник не дојде во ССМ за зголемување на минималецот: Бегаат од одговорноста како што бегаа цела 2025 година, вели Трендафилов
Со објава на социјалните мрежи утрово претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов извести дека владин претставник не се појавил за да потпишат покачување на платите. По големиот протест минатата недела владини претставници обвинија дека ССМ одбил да потпише покачување на платите за 40 % до 2028 година, а претседателот Трендафилов, пак, ги повика да дојдат денес во ССМ и да се спогодат за зголемување и на минималната и на сите останати плати.
„Во 9 часот во Сојузот на синдикатите на Македонија го чекавме претставникот на Владата да дојде и да потпишеме спогодба за утврдување на висината на минималната плата во бруто – износ започнувајќи со исплатата за месец февруари 2026 година со која минималната плата се зголемува на 600 евра во нето, а останатите плати се зголемуваат за најмалку 6000 денари. Но, не се проблем само овие плати, проблем се ниските плати кои се поголем број на работници ги примаат и затоа веднаш мора да се зголемат останатите плати за најмалку 6.000 денари и да се зголеми минималната плата на 600 евра.
Денеска, паднаа маските, се разобличија лагите кои претставникот на Владата ги изјавуваше изминатите денови за да створат сомнеж кај работниците, денеска не дојде како што го поканивме, денеска тие имаа други приоритети, а се потврди дека не им е приоритет зголемувањето на работничките плати ниту зголемување на минималната плата, ниту зголемување на останатите плати.
Но, мала криза и одма почнаа да наддаваат со зголемување на работничките плати, па така за борбата што ја водеше Синдикатот на УПОЗ скоро една година, за она што протестираа работниците во управата, она што тие од Владата одбиваа да го направат, денеска зборуваат дека ќе го прават.
Добро е што претставникот на Владата по големиот работнички протест го прифати предлогот на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, а требаше веднаш и без одлагање да го потпишат колективниот договор.
Се потврди дека само зборуваат, а не делуваат, денеска требаше да ги зголемат и платите на вработените во управата за 40 %, но не се појавија на потпишувањето на спогодбата и на колективните договори, бегаат од одговорноста, како што бегаат цела 2025 година.
Дополнително, работниците во јавниот сектор треба да знаат дека барањето за укинување на одредбите од Општиот колективен договор во делот за пресметка на плата (просечна плата по коефициент за сложеност) иста како на функционерите, значи намалување односно откажување од работничките плати за x(12,6%) + y(9,2%) = z(21,8%) за 130.000 работници во јавниот сектор или во парички, да им земат 3 парички на работниците, а да им дадат 1 паричка што е недозволиво.
Дополнително, барањето на поединци за укинување на Општиот колективен договор значи вработените да останат без јубилејни награди, без К-15 (образование, здравство, одбрана, полиција и др.), без додатоци за плата кои беа зголемени со Општиот колективен договор за јавен сектор.
Го поставуваме прашањето дали оваа Влада не само што не сака да им даде зголемување на платите на работниците, туку сака да им земе се на работниците !?“, стои во објавата на претседателот Трендафилов.
ССМ најави дека оваа недела ќе почне со најавените блокади, а прва институција која ќе ја блокираат е Собранието. Доколку и со блокади Владата не одговори на барањето минималната плата да биде 600 евра, а линеарно да се зголемат и сите останати плати за 100 евра, најавен е и генерален штрајк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

