Македонија
„Влен“: Бујар Османи е пример за неефикасно и незаконско работење
„Во својата политичка кариера, Бујар Османи секогаш се грижел само за својата функција и личен напредок, но никогаш за интересот на граѓаните. Тоа не го тврдиме само ние, тоа го потврдуваат и официјалните институции на државата. Државниот завод за ревизија има изготвено повеќе негативни извештаи за неговото работење, меѓу кои и извештајот за времето кога беше министер за здравство (2008–2011)“, велат од „Влен“.
„Во 2010 година, Државниот завод за ревизија објави извештај за Министерството за здравство за 2009 година, за период во кој Османи беше министер. Извештајот констатира:
Незаконско користење на службени возила – без налози, без месечни извештаи, без збирен извештај за километража; исплатени 4,58 милиони денари за деривати без верификација и усогласување на фактурите.
Сервисирање на возилата без докази – исплатени 1,4 милиони денари за сервисирање без записници за квалитативен прием.
Незаконски вработувања преку агенции – ангажирање лица на проекти без да е предвидено со Правилникот за систематизација на работните места.
Сомнителни додатоци за членовите на Комисијата за јавни набавки – исплатени 410 илјади денари за наводен ангажман надвор од работно време, без докази за истиот.
Овој извештај е доказ дека Бујар Османи не само што не оставил трага на развој и подобрување на здравствениот систем, туку напротив – неговото раководење било пример за расипничко и незаконско трошење на јавните пари.
Денес, истиот тој човек кој добивал негативни извештаи од државните ревизори, бара доверба од граѓаните на Чаир за да го продолжи своето незаконско работење и на локално ниво. Граѓаните имаат право да знаат дека ваквите незаконски трошења се мерени со милиони потрошени без контрола, без одговорност и без законска основа. Чаир не е општини која треба да биде засолниште за незаконска работа на Бујар Османи додека неговата ДУИ е опозиција“, се наведува во соопштението на „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Со Еразмус+ младите имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент
Со Еразмус+ младите имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент кој овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој, изјави премиерот, Христијан Мицкоски на настан на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – Еразмус+, на кој беа објавени програмските приоритети за 2026 година.
Мицкоски кажа дека преку Еразмус+, нашата држава активно придонесува кон развојот на образованието, младинските политики и неформалното учење, поттикнувајќи меѓународна соработка, интеркултурен дијалог и унапредување на знаењата и вештините на младите.
„Особено сакам да истакнам дека за 2026 година е обезбеден, како што веќе слушнавте најголемиот буџет во оваа финансиска рамка во вкупен износ од над 8 милиони евра. Ова не е случајно. Ова е резултат на јасна определба, да се вложува таму каде што приносот е најголем: кај младите луѓе“, кажа Мицкоски.
Тој рече дека еден од значајните инструменти што директно ги засега младите е Европската младинска картичка која им овозможува на младите попусти и поволности во 38 европски држави, во области како што се патување, култура, образование, спорт и секојдневни услуги.
„Преку програмата Еразмус+, младите и младинските работници од нашата земја имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент што овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој во полето на младинската работа. Истовремено, Еразмус+ е клучен европски механизам и за студентите и универзитетите“, кажа Мицкоски.
Македонија
Eвропратеници гледаат исто сценарио во Македонија и во Србија, велат од СДСМ
Eвропратеници гледаат исто copy-paste сценарио во Македонија и во Србија, истакнуваат од СДСМ.
„Европратеникот Владимир Пребилиќ, член на словенечката зелена партија Весна (Greens/EFA) наведува дека и Македонија и Србија имаат проблем со реформите во правосудството.
Реформите на правосудството предизвикуваат сериозна загриженост, особено кога станува збор за независноста на судството.
Неспроведувањето на реформите, корупцијата и криминалот, независноста на судството стануваат сериозна пречка“.
Од опозициската партија нагласуваат дека Европската комисија во последниот Извештај за Македонија нотираше сериозни слабости во правосудството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и во работењето на Собранието.
„СДСМ во неколку наврати предупредува на опасната анти ЕУ кампања која по ист рецепт ја спроведува ВМРО во Македонија како СНС во Србија.
Намерно се отвораат конфликти со соседите, намерно се обвинува Унијата, за да се оправда изолацијата и да не се спроведат реформите.
Ширењето на оваа анти ЕУ кампања оди и преку медиуми под контрола на авторитарниот Орбан кој го шири своето влијание на Балканот“.
Според оваа партија, пораката на европарламентарците е дека е потребно промена на курсот за да се искористи овој бран на проширување на ЕУ бидејќи никој не е сигурен кога ќе дојде наредниот.
Македонија
Хоџа: Системски го менуваме пристапот кон индустријата, построги правила и понизок праг на емисии особено во урбаните средини
На денешниот брифинг со новинарите, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, информираше за клучните приоритети на Министерството, со посебен фокус на борбата против загадувањето на воздухот и унапредувањето на системот за управување со отпадот.
Хоџа истакна дека транспарентноста, институционалната одговорност и работата на терен ќе бидат водечки принципи во неговиот мандат, нагласувајќи дека еколошките предизвици ќе се адресираат преку соработка со институциите, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и граѓаните.
Во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, беше посочено дека од септември 2027 стапува на сила веќе усвоениот Закон за контрола на емисиите, кој ќе воведе построги стандарди за индустријата, јакнење на надзорните капацитети за контрола на Министерството,.
Тој информираше за конкретни активности во областа на современото управување со отпадот, вклучително и изградбата на регионални центри за управување со отпад, со цел затворање на дивите депонии и развој на рециклирањето.
Беше нагласено дека заштитата на животната средина е заедничка одговорност и дека Министерството останува целосно посветено на спроведување политики кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот и обезбедување одржлив развој, во согласност со европските стандарди.

