Македонија
ВЛЕН: ДУИ да го почне ветингот од својот претседател, нека објави колку пари има на сметка Али Ахмети

„На ДУИ конечно им текна дека треба да се чистат самите себе од криминал. Конечно погодија каде е криминалот“, велат од ВЛЕН.
„ДУИ, партијата што дваесет години ги третираа Албанците како основа само и единствено како основа за фамилијарна фирма и бизнис, деновиве најавува „ветинг“ – прочистување на функционерите од криминал и корупција. Одлично! Конечно им текна дека треба да се чистат самите од себе.
Но, ако навистина се сериозни, нека почнат од својот лидер – Али Ахмети!
Господа од ДУИ, дали сте подготвени да објасните: Како Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, без да вложи ни денар, стана косопственик на трговскиот центар „Соравија“ во Скопје, објект вреден 30 милиони евра? Ако овој ветинг е вистински, објавете ги договорите, финансиите и банките што го финансирале ова „чудо“.
Како фирмата „Тор Индустриес“ на Дрин Ахмети добива милионски договори како подизведувач на Коридорот 8 и патот Кичево-Дебар? Колку од тие милиони се враќаат во партиските џебови?
Зошто Министерството за економија, предводено од Крешник Бектеши, не ја укина концесијата на „Еверест ЏД“, иако фирмата на Дрин Ахмети експлоатирала минерални суровини нелегално? Наместо санкција, добил нови тендери!
Како Бесиан Ахмети, друг внук на Али Ахмети, со само 10 месеци искуство доби висока дипломатска функција во Брисел? Па не сме знаеле дека талентот за дипломатија е наследен по крвна линија!
Зошто Шкумбин Ахмети, синот на Али Ахмети, кој дипломирал на тетовскиот универзитет како архитект, сега управува фирма за производство на струја и со братучедите планира да изгради фотоволтаична централа од 60MW вредна 35 милиони евра? Дали овие проекти се дел од „зелената агенда“ на ДУИ или само од нивните зелени банкноти?
Ако ДУИ навистина сака „ветинг“, нека го почне од сопствените редови. Нека објави колку пари има на сметка Али Ахмети, неговото семејство и сите негови блиски соработници. Нека докажат како овие луѓе, кои никогаш не работеле ништо освен политика, се трансформираа во мултимилионери.
Но, ние знаеме дека ова е само уште една лажна претстава. ДУИ ќе зборува за ветинг, но нема да го допре сопствениот криминал. Ќе се кријат зад празни изјави, додека зад кулисите продолжуваат со истите коруптивни шеми.
Затоа, пред да го лажете народот, почнете со ветинг на Али Ахмети! Ако немате храброст за тоа, тогаш вашата „борба против криминалот“ не е ништо друго освен нова измама. Граѓаните веќе ја препознаваат вашата игра – ДУИ и криминалот се едно исто!“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бројот 192 моментално не е во функција, граѓаните кои имаат потреба, да го користат 112, велат од МВР

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека бројот 192 поради технички причини моментално не е во функција и се преземаат мерки за нивно отстранување.
„Ве информираме дека во функција е бројот 112 и граѓаните кои имаат потреба можат да го користат овој број“, додаваат од МВР.
Македонија
Пожарот во Вардариште е во голема мера изгаснат, полека се враќа протокот на струјата

Пожарот во Вардариште е во голема мера изгаснат, но БППЗ Скопје во моментот се уште вршат догаснување, извести Центарот за управување со кризи.
„ЕВН дел по дел полека го враќаат протокот на струјата во нисконапонскиот дел во нормала. За краток период се очекува целосно нормализирање на состојбите“, соопшти ЦУК.
Македонија
Македонските научници и истражувачи ќе соработуваат со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија

Македонија ја продлабочува соработка со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC). Неодамна потпишаниот договор помеѓу Министерството за образование и наука и овој рефернтен центар за наука и истражување на ЕУ, отвора нови перспективи за македонските научници и истражувачи. Тие добиваат поголеми можности за вклучување во европските истражувачки мрежи каде ќе можат да работат на проекти од области како енергетска безбедност, одржливи материјали за изградба на одржливи згради и инфраструктура, индустрија 4.0 и паметна специјализација.
За да се запознаат научниците и истражувачите со условите и начинот на кој можат да добијат поддршка од JRC, денеска на Машинскиот факултет во Скопје беше организиран инфо ден, на кој се обратија деканот проф. д-р Златко Петревски, претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и заменик генерален директор на Заедничкиот истражувачки центар, Матијас Оел.
Според деканот Петревски, настанот претставува значаен чекор напред во отворањето на македонското научно-истражувачко општество кон европските мрежи на знаење и иновации. Рече дека им се овозможува на македонските истражувачи да пристапат до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти од клучно значење за развојот на државата.
„Соработката меѓу Македонија и Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија влегува во нова ветувачка фаза. Мојата неодамнешна посета на институтот во Испра ја потврди нашата посветеност за продлабочување и проширување на ова партнерство и со големо задоволство тоа го официјализираме со Рамковен договор за истражување, кој ќе биде од клучна важност за спроведување на Стратегијата за паметна специјализација на државата”, рече министерката Јаневска.
Посочи дека соработката дополнително ќе ја промовира мобилноста на истражувачите, нудејќи можности за докторски и постдокторски кандидати од земјава да бидат сместени во научните директорати на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
„Без силна наука и без силно образование, не можеме да имаме силен раст на државата, не можеме да имаме раст на економијата, а со самото тоа понатаму и во другите сектори. Добро е што ќе има размена на научници. Добро е што наши научници ќе патуваат надвор, од надвор ќе доаѓаат научници кај нас. Со тоа се прави трансфер на знаење, се прави мрежа, се публикуваат научни трудови, се помага на индустријата. Тоа е многу важно да се каже дека сите овие научни достигнувања, коишто очекуваме да бидат резултат од овој проект, да помогнат на развојот на индустријата, со тоа и на економијата“, рече премиерот Мицкоски.
Здружениот истражувачки центар е референтен центар за наука и технологија на ЕУ, кој обезбедува независна научна и техничка поддршка за креирање и спроведување на политиките на Унијата. Центарот е вклучен и во процесот на нејзино проширување, преку соработка со земјите апликанти обезбедувајќи им техничка поддршка за ефикасно имплементирање на европските закони во областа на науката и технологијата. Центарот има седум институти во пет земји на ЕУ (Белгија, Германија, Италија, Холандија и Шпанија) кои покриваат широк спектар на теми, вклучувајќи: Одржлив развој и климатски промени; Иновации и технологија; Енергетика и транспорт; Здравство и безбедност на храна; Дигитална трансформација.