Македонија
„Влен“: Инвестираме во грижата и образованието на децата во градинките
„Како Влада на „Влен“, продолжуваме да придонесуваме за подобрување на условите за нашите граѓани. Како дел од инвестирањето во подобри образовни услови и инфраструктура во предучилишното образование, Владата на „Влен“ инвестира во изградба на градинки во Чаир и Сингелиќ. До 2028 година, се очекува да се создадат речиси 4.000 нови простори во градинките низ целата земја, преку изградба на 28 нови капацитети. Како што најави министерот Фатмир Лимани, досега се изградени капацитети што овозможуваат сместување на околу 1.500 деца, додека во изградба се уште 11 објекти што ќе обезбедат простор за уште над 1.100 деца“, велат од „Влен“.
„Оваа инвестиција е важен чекор кон пошироко вклучување на децата во образовниот систем од рана возраст, гарантирајќи подобар и порамноправен почеток за сите деца без етнички, социјални или регионални разлики. Современите дневни центри што се градат се опремени со современи и модерни стандарди, што обезбедува безбедна, топла и образовна средина за децата и нивниот развој. Оваа инвестиција од Владата која се грижи за граѓаните уште еднаш ја покажува важноста што се дава на инвестирањето во иднината на земјата преку квалитетно образование за нашите деца од предучилишна возраст.
Покрај директните придобивки за децата, преку обезбедување поквалитетно образование, овие проекти позитивно влијаат и на животот на нивните родители, кои ќе имаат повеќе можности за професионално ангажирање на своите работни места. Бидејќи грижата, безбедноста и образованието на децата ќе се одвиваат во дневните центри што се градат. Овој проект, исто така, го промовира локалниот развој, создава нови работни места и ја зајакнува заедницата.
Владата на „Влен“ останува посветена на создавање одржлива образовна инфраструктура што ќе им служи на сегашните и идните генерации!“, соопшти „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

